11 фитнес митови што ем не се точни, ем можат да ти наштетат

Ако новогодишните фитнес ветувања ги терате според јулијанскиот календар тогаш крајно време за почеток на нивно остварување треба да е првиот ден по Стара нова година. (Освен ако не решиш дека треба да го истераш уште Св. Јован, евентуално и Трифун и готово. Ептен ако годината ти се падне да имаш и Младенци за терање, па да продолжиш до тогаш.) Пред да ја почнете сезоната во која конечно ќе направите се што сакате од себе (на фитнес план) има неколку работи што треба да ги знаете.

1. За да одржуваш форма доволно ти е вежбање еднаш до два пати неделно.

Со ваква редовност нема да имаш одржливи позитивни резултати за здравјето, и точниот број е некаде меѓу 3 и 5 пати вежбање неделно (за одржување). Не мора секоја недела да се пет пати, ама никако да не се секогаш само по 3.

 

2. Најдобро е сабајле да вежбаш

Најдобар термин е оној кој ти дозволува да си најредовен со вежбање. Без разлика дали наутро, во 12 на пладне или 22 часот навечер. Најважна е редовноста.

 

3. Кревањето тегови го претвора салото во мускули

Не постои нешто што може да го претвори салото во мускули, бидејќи се работи за две различни ткива. Она што прави кревањето тегови, е создавање на мускули во и околу мастите. Она што ги намалува мастите е правилна и здрава исхрана.

 

4. Сложувалките и слични игри се одлична вежба за вашиот мозок

Обични физички вежби се далеку подобри за здравјето на твојот мозок отколку која било сложувалка или ментална игра. Според нови истражувања, аеробните вежби имаат значително, преовладувачки корисно влијание на мозокот.

 

5. Вежбањето е најдобар начин за слабеење

Не е. Правилната исхрана е неспоредливо најдобриот и најефикасен начин.

 

6. Правење стомачни склекови е најдобар начин за добивање „плочки“

Стомачните вежбаат и засилуваат само неколку групи на мускули, притоа игнорирајќи други групи кои се клучни за посакуваните „плочки“.

 

7. Кревањето тегови е само за мажи.

Кревањето тегови е за секој што сака да има посилни мускули, без разлика дали машко или женско.

 

8. Потребни се барем 2 недели за да излезеш од форма.

Не. Доволна е само 1.

 

9. Трчањето маратон е одличен начин за да станеш фит.

Трчањето маратон е одличен начин за да истрчаш маратон. Најголемиот дел од бенефитите можеш да го добиеш и без да ја надминеш границата од 10 км. И секојдневни спринтови од по 5 до 10 минути можат да ти ги овозможат здравствените бенефити од трчање со часови.

 

10. Водење дневник на тоа што го јадеш е добар начин за мониторирање и контрола на твојата исхрана.

Дури и свесно да водиме ваква евиденција и колку сме биле активни, најверојатно ќе си дадеме повеќе кредит отколку што заслужуваме. Како што се објаснува првиот човек на Фитнес институтот на Тексас: „луѓето обично ја преценуваат својата физичка активност, а потценуваат колку храна имаат внесено.“

 

11. Спортските пијалаци се најдобар начин за хидрирање по вежбање

Не. Спортските пијалаци најчесто се вода со шеќер. Од овие две состојки за хидрирање ти е потребна само првата, без никакви додатоци и вкусови.

Освен водата, добро ќе ти дојде и некоја протеинска ужинка (без додаден шеќер, по можност протеин од вистинска храна).

Поопширно тука

15 јануари 2018 - 18:07