Ситуацијата во која државата е главен работодавец е совршен терен за секој облик на деспотизам

Разговор со Небојша Ромчевиќ, српски драматург, сценарист и театролог. За вистината, хуморот, незадоволството, читањето, театарот... Смирено, умно и педантно расчистување на купиштата во кои секојдневно се фаќаме себе си затрупани.

Вистината веќе не е ни предмет ни тема на говорот, туку целта е да се убеди соговорникот во нешто.

Се откажавме од потрагата по вистина. Тоа не значи дека до вистината воопшто е можно да се дојде, но невозможно е да се откажете од потрагата по неа.

Јас можам да ви зборувам што и да ми падне на памет, вие можете да зборувате што и да ви падне на памет, а ние повторно тоа ќе го нарекуваме комуникација.

Потрагата по смислата како да стана некаков блам, некаков облик на наивност и вие демек губите време барајќи ја смислата наместо покорисно да го потрошите тоа време на убедување на други во она за кое верувате дека вам ви е корисно, а ним им е вистинито.

Денес светот е во рацете на хиперспецијализирани стручњаци каде секој е апсолутен господар на сопствениот агол на гледање. Недостасуваат врзивни и обединувачки концепти, нешто што би се нарекло филозофски став, нешто што не толку одамна и беше работа на интелектуалецот, да проба да ги согледа работите, да препознае каде оди светот.

Работата  на интелектуалецот е да биде незадоволен и постојано тоа незадоволство од светот да го споделува со другите. Должност на поединецот е да работи на себе. Поедноставно е да се дигнат раце, да се прогласиш самиот за колатерална жртва и да се зборува дека власта е одговорна, школото е одговорно, родителите, општеството... сите се одговорни, само ние некако не сме одговорни за сопствениот живот.

Младите не заминуваат за леб туку за слобода, за комуникација која не е под закани од отказ или слично. Ситуацијата во која државата е главен работодавец е совршен терен за секој облик на деспотизам. Заминуваат од една атмосфера во која немаат соговорник, во која дури и медиокритетството е еуфемизам.

После стравот од смртта, стравот од досада е веројатно најголемиот страв. Додека јас ова го зборувам, некој веројатно веќе го грабнал својот мобилен, бидејќи моите реченици му се предолги. Сега јас би морал да заиграм на шипка, да извадам меч, да пукам, додека соопштувам нешто за кое размислувам. Во секој момент морате да ги затрупате сите канали на слушателот, во спротивно тој ја губи заинтересираноста.

Постојаната насоченост кон политичиот дискурс го има осакатено театарот.

Во целиот свој живот Бранислав Нушиќ нема добиено ниедна позитивна критика. Тоа ви е слика на едно примитивно, паланечко, псевдо-сериозно општество во кое смеењето е доказ за вашата неозбилност и тривијалност.

Хумористичниот поглед на светот всушност е најфаталистичкиот поглед на светот. Бидејќи ако ништо не заслужува да биде поштедено од смеење, а не заслужува, тогаш хуморот и смеата се посериозни од секоја трагичарска патетика.

Метафизичко кезење. Таа наша трансцедентна амбивалентност кон сè. Ние градиме митови и истовремено ги разградуваме, градиме односи па ги иронизираме. Можеби тоа е одговор и на она прашање зошто не мрдаме. Тој наш црнохуморен поглед на светот, таа наша потполна релативизација и на смртта, и на црквата, и на светците, и на идеологиите и на сите работи за кои ние традиционално и умираме и страдаме, а истовремено воопшто не им веруваме.

Кога ги тераме младите да читаат, тоа е како што нас стално ни викаа кога бевме мали: Исправи ја кичмата, исправи ја кичмата! Па пак, на крај секој одеше како што оди. Процесот на читање не е нешто до кое се доаѓа на почетокот туку на крајот.

Ако постои само едно прашање и само еден одговор, тогаш животот нема никаква смисла.

25 март 2019 - 16:04