Трамп бара воведување на 6Г технологија

6Г технологија не постои.

Додека едни се мачат воопшто да постават 5Г опрема, а други идентично се мачат да состават 5Г мрежа без учество на Хуавеи, американскиот претседател нарача да пуштање 6Г.


Неговото барање, поднесено преку Твитер, е под а. за САД да мрдне од сегашната 4Г мрежа; и под б. за американските компании да покажат снага и да победат преку чиста конкурентност, а не со блокирање на моментално по напредни технологии.

Вториот дел се однесува на масовната кампања која моментално се спроведува на ниво на влади, во која речиси цел западен свет одлучи да забрани инсталирање на 5Г опрема од Хуавеи во своите национални мрежи, а оние што веќе ја имаат инсталирано почнаа да ја вадат.

За сега 5Г во САД повеќе е муабет и фина маркетинг етикета отколку реална услуга. Веризон нуди 5Г домашен интернет во неколку градови низ САД, меѓутоа услугата се базира на нивна корпорациска технологија а не на глобалниот стандард. Во исто време АТ&Т е жив фатен дека огромни делови од својата 4Г ЛТЕ мрежа само ги преименувал во 5Г, и услугата ја води како 5Г Е, која според Арстехника не е ништо повеќе од 4Г со ЛТЕ функции.

Инаку, уште пред твитот на Трамп, кабелската индустрија во САД, од љубомора кон 5Г технологијата ја заштити трговската марка „10Г“, која иако на прва звучи како 10-та генерација од нешто, всушност е кратенка за интернет брзина од 10 гигабити, плус одлично легнува на маркетинг кампањи.

Според Арстехника повикот на Трамп за воведување на 6Г најверојатно нема ништо да промени ниту да забрза. Нивна процена е дека во најдобар случај 6Г е во стадиум на планирање а и тоа е во „ембрионална фаза“.

„Меѓународната телекомуникациска унија, телото на Обединетите нации кое помага во координирање на глобалните телеком прашања, моментално има работна група која изучува како 6Г технологијата би можела да изгледа. Меѓутоа името на групата - Мрежа 2030 - навестува дека допрва ги чека огромен дел од работата,“ се објаснува во текстот на Вашингтон пост.

Очекувањата се дека првите спецификации за 6Г најрано би биле одобрени некаде во 2028.

22 февруари 2019 - 10:21