Откриен безбедносен пропуст во речиси секој еден процесор произведен од Интел

Во процесорите на Интел откриени се два безбедносни пропусти кои на хакерите им дозволуваат да ја соберат комплетната содржина од речиси кој сакаат компјутер. И ова подеднакво важи и за мобилни уреди и за персонални компјутер и за серверите без разлика дали биле за облак или некоја друга услуга, и за Виндоус, Линукс и Мекинтош.

За едниот пропуст, именуван Спектре, не постои лесно решение бидејќи станува проблем во самиот начин на кој се дизајнирани и функционираат процесорите на Интел, и ова ќе бара комплетно редизајнирање на процесорите. Единствена олеснителна околност околу Спектре е што овој пропуст е потешко да се искористи. Аналитичарите и истражувачите се согласни дека Спектре ќе биде решен дури кога на пазарот ќе се појави нова генерација на процесори со сосема поинаква архитектура.

За вториот пропуст, Мелтдаун, добрата вест е што тој може да се закрпи со апдејт, лошата вест е што апдејтот ќе го направи уредот побавен за 30%.

Овој пропуст влијае на речиси секој процесор што некогаш е произведен од Интел, а процесорите на Интел се користат во повеќе од 90% од компјутерските системи што го опслужуваат интернетот и во приватните бизниси.

Мелтдаун е посебен проблем за големите облак сервиси што ги работат компании како Амазон, Гугл и Микрософт. Последните две објавија дека веќе ги имаат апдејтувано своите системи и го имаат затворено овој пропуст, слично постапи и Амазон кој на корисниците на Амазон веб сервисес, им објасни дека ова е пропуст кој „постои повеќе од 20 години во архитектурата на модерниот процесор“.

За да го искористат Мелтдаун, хакерите би можеле да закупат простор на некој облак сервис, како кој било корисник, и по ова пропустот им дозволува да собираат информации како лозинки од останатите корисници на истиот сервис. Овој пропуст ги заобиколува сите алатки и протоколи кои се ставени на облакот со цел одделување и заштита на податоците на корисниците.

Двата пропуста важат без разлика дали си на Виндоус, Линукс или Мекинтош.

Инаку, во сето ова значително се истакнува потегот на ЦЕО-то на Интел, Брајан Крзанич, кој во ноември решава да продаде свои акции од Интел во вредност од 24 милиони долари, откако Гугл ја информира компанијата дека ги откриле сериозните безбедносни пропусти во нивните процесори. Јавноста ја дозна информацијата за Спектре и Мелтдаун дури пред неколку дена.

Веднаш по објавувањето на веста, вредноста на акциите на Интел падна за речиси 6%.

4 јануари 2018 - 18:06