Зошто Европа гореше за Нова година?

Инциденти како палење возила, напади врз полиција и кршење прозорци имаше во Франција, Белгија, Холандија, Германија... и инцидентите не можат да се објаснат ниту со пресметки меѓу бандите, ниту со „мигрантите се виновни“.

Во Стразбур за време на прославата за Нова година беа запалени 220 автомобили, а дел од пожарникарите кои се обидувале да ги изгасат биле нападнати. На друго место во Франција, овој пат во Марсеј, забележани се мажи како шетаат по улици со калашникови.

Во Германија полицаец од Лајпциг завршува на итна операција, а други негови колеги се нападнати со запалена количка од супермаркет и пиротехника. Истата вечер, во истиот град, со камења искршени се 25 големи прозорци на 800 години старата црква Свети Томас, местото во кое е закопан Бах.

Во Брисел горат возила а над 180 лица се уапсени. Во Шведска експлозиите одекнуваат во текот на целата година, па 2019 земјата ја завршува со над 100 експлозии на бомби.

Во Холандија маж и неговото дете загинуваат на Нова година, откако во нивниот станбен комплекс започнува пожар предизвикан од огномет.

Како што објаснува Лијам Томсон во Спајкд, бандите не се виновни за ова бидејќи Европа од секогаш имала банди, а не е ни пиротехниката, бидејќи Европа од секогаш имала пиротехника. Ниту пак вината паѓа на муслиманските мигранти (пример, за црквата во Лајпциг осомничени се крајно леви групи).

„Без разлика кој и да излезе виновникот, очигледно нешто се промени. Најголемиот дел од луѓето свесни се дека во нивните градови не било од секогаш неопходно воведување ’безбедни зони’ за жени и деца на Нова година. Божиќните пазари немале отсекогаш потреба за барикади и вооружена полиција. Меѓутоа за либералните медиуми, и самото разговарање за овие прашања претставува ширење на крајно-десничарски теории на заговор.

Меинстрим медиумите и политичарите мора многу повеќе да се потрудат за да се издигнат на ниво на работите што се случуваат. Ризикот е дека со незборување за овие работи и преправање дека ништо не се случува, само се засилува политичкиот екстремизам. Ако меинстримот не зборува за тоа што се случува во Европа, тогаш други, веројатно позлокобни појави ќе почнат,“ пишува Томсон.

9 јануари 2020 - 10:35