Зошто држави запнуваат да го купат рускиот С-400?

Системот е апгрејд на С-300, и без пропуст доаѓа со даунгрејд на односите со САД и НАТО и закани од санкции или влошени односи со комшиите. Сред ваква констелација Русите имаат редица од сериозни клиенти за системот.

Додека С-300 веќе е распореден во Сирија, С-400 минатиот месец покажа што умее на „Восток-2018“ најголемите руски воени вежби изминативе 30 години.

И пред вежбите на списокот потенцијални клиенти на Русија е Кина, членката на НАТО Турција, и неколку најблиски сојузници на САД како Саудиска Арабија, Индија и Катар. И во секој од овие примери, без разлика дали станува збор за Кина или Катар, секоја од овие влади доби закана од САД дека во случај да го купат системот ќе следуваат санкции.

Од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) објаснувањето за подготвеноста на ваков ризик кај купувачите, како и одлучноста на САД да ја спука со секој што ќе купи ваков систем, е:

„С-400 е меѓу најнапредните противвоздушни одбрамбени системи, на рамниште на најдоброто што Западот може да го понуди.

Неговите радара и сензори, како и проектили, покриваат пространа област - радарот покрива 600 километри, а проектилите имаат домет од 400 километри.

Прецизен е и успева да следи голем број потенцијални мети, вклучително и стелт мети.“

Друга предност е неговиот модуларен сетап и мобилност, што значи дека може да се постави, да почне со работа и да се придвижи за неколку минути. Експерите со кои разговара Ал-Џезира објаснуваат дека проектилите се осмислени и направени да можат да се користат за долг, полу-долг, среден или краток домет, во зависност од тоа што корисникот сака да го постигне.

Во примерот со Турција, како еден од потенцијалните практични проблеми со С-400 се наведува тоа што системот ќе треба да се интегрира со постојните системи НАТО, па соговорниците на Ал-Џезира прашуваат „и што ако на пример руски персонал треба да дојде да го сервисира системот? Дали тогаш тие ќе добијат пристап до податоците на НАТО? И што ако системот има безбедносни пропусти кои би можеле да бидат искористени од потенцијалниот непријател?“

Иако Индија и Саудиска Арабија не се членки на НАТО па не патат од некомпатибилност, кај нив ризикот е од влошување на односите со САД. Од СИПРИ објаснуваат дека многу е мала веројатноста САД да им воведе санкции на овие две држави, имајќи ја предвид нивната вредност како стратешки политички и воени сојузници.

Минатата недела Путин и индискиот претседател Нарендра Моди потпишаа купопродажен договор за С-400 во вредност од 5 милијарди долари.

Уште една работа која е карактеристична за муштериите за С-400 е дека тоа се влади (дури и Кина да не се зема предвид) на кои и покрај тоа што се блиски сојузници на САД, Вашингтон одбива да им продаде нова воена технологија.

8 октомври 2018 - 23:03