Зошто Борис Џонсон не беше отпуштен пред да си даде отказ?

Како што успешно ја заврши кампањата за брегзит, така Борис Џонсон беше назначен за министер за надворешни работи во новата британска Влада која требаше заеднички да ја носи државата низ преговорите за напуштање на ЕУ. Таму продолжи во истиот стил од времето кога беше градоначалник на Лондон, овозможувајќи и на Тереза Меј десетина пенали за без никакво двоумење да му даде отказ. На крај се случи обратното, Џонсон во знак на притисок врз Меј ја напушти британската влада.

Џонсон и британскиот министер за брегзит, Дејвид Дејвис, се 6-то и 7-мо напуштање на кабинетот на Меј за помалку од една година. Двете заминувања на највисоките функционери задолжени за брегзит непогрешливо се толкуваат како „знак за длабоко несогласување со планот на премиерката за брегзит.“

Во основа нивниот проблем, и на останатите противници, е што „според планот Британија ќе гледа да одржи блиски царински врски со ЕУ по напуштање на Унијата. Така замислената врска е на граница да го направи брегзит речиси безначаен.“

Воден од тоа, Џонсон, според кого одбраната на планот на Меј е исто како „да полираш гомно“, во оставката пишува „брегзит треба да се однесува на можности и надеж. Сонот умира задушен во непотребен сомнеж во самите себе... ние изгледа се движиме кон полу-брегзит.“

Во портфолиото гафови на Џонсон за време на министерскиот мандат, се редат: читање поема за британскиот колонијализам за време на посетата на Бурма; шеги од типот Сирте (Либија) може да стане следниот Дубаи, само ако можат „да ги расчистат сите трупови од улиците“; или продолжување на затворската казна во Иран за уапсената Британка со иранско потекло, како последица на еден коментар на Џонсон.

Министерот мина без никакви посебни проблеми и кога минатиот месец во приватен разговор порача дека и Трамп би завршил подобра работа околу брегзит од Меј.

„Но и покрај очигледната нелојалност кон Меј и неговиот мандат преполн со гафови, остана невозможно да го отпуштиш Џонсон. Една причина за ова е брегзит: Џонсон се постави како заштитното лице на кампањата во 2016. Друга причина е севкупната нестабилност на владата на Меј изминатава година. Премиерката не може да си дозволи да изгуби уште еден министер, а не па два.

Според една друга логика се смета дека Џонсон веројатно ќе биде полесен за контролирање како член на Владата, отколку вон неа,“ пишува Јасмин Серан.

Џонсон кој не ги крие своите лидерски амбиции, сега би можел и со поддршка од 15% од парламентарците од Конзервативната партија, да побара гласање на доверба на премиерката. Ако гласањето успее, Меј ќе треба да си поднесе оставка, што ќе доведе до нови избори. Во пракса ова е малку веројатно затоа што и противниците на Меј во партијата моментално се залагаат за „промена на политиките, а не на раководството.“

Освен што Џонсон ја напушта Владата во последните моменти од брегзит, тој тоа го прави во исто време со повторната појава на отровот Новичок во Англија, почетокот на НАТО самитот во Брисел, и посетата на Трамп на Британија.

„Ова е прилично извонредна недела за да се биде без министер за надворешни работи,“ пишува Серан.

11 јули 2018 - 12:04