Ужасната леснотија на терористичките напади

Не е потребно ни оружје, ни тренинг во некој терористички камп, ни обука, ни ништо. Потребно е во земја каква што е Германија (која има 80 милиони возила), да набавиш едно возило и да начекаш толпа народ. Ама, како што вели една балканска поговорка: Бој се овна, бој се говна, кад чемо живети?

"Не сакаме да живееме парализирани од страв од злото", изјави Ангела меркел по прегазувањето на толпата народ на божиќниот пазар во Берлин зад кое останаа 12 мртви луѓе и дузина повредени. Канцеларката прецизно го сумираше генералното чувство на тамошниот народ но како тоа да се претвори во политики и пракси?

Стравот е најголем кога не знаеш од што треба да се плашиш. Ова беше едноставен напад а таквите се најтешки за предвидување. Во Германија има 80 милиони возила а ниедно од нив не е создадено да послужи како оружје за масовно уништување. Па сепак.

Ваквиот тип на тероризам на едно општество му остава три можности:

1) Да се обиде дополнително да ги обезбеди јавните простори но тоа значи истите да бидат претворени во своевидни воени упоришта и фортификации, што сигурно го менува начинот на животот на луѓето и нивното цивилно чувство.

2. Да се обиде да ги спречи потенцијалните напаѓачи со помош на драстично проширување на владините моќи за мониторирање и контрола на секојдневниот живот.

3. Да се обидува да го минимизира бројот и смртноста на нападите и некако да научи да живее со таква закана. 

Сите три опции се моментално во игра на германската политичка сцена. Се дебатира за тоа како подобро да се заштитат јавните простори (за што постојат и дизајнерски и технолошки решенија), како да се контролира миграцијата (и пред да биде познат идентитетот на напаѓачот,  јасно беше кој е главниот осомничен а десничарите ги повторија критиките на великодушната политика на Меркел) и како може да се зголеми видео надзорот а да не се разбудат духовите и стравовите од  Штази.

Европа е под зголемен притисок од растечката закана од исламски тероризам кој може да биде изведен и од осамени поединци инспирирани од Исис или ситуацијата на Блискиот исток. "Како да обезбедиме места кои не се предвидени за обезбедување од оружја кои не се создадени да бидат оружја," гласи главниот заеб. На верски фанатик во возило му е доволно да види 20-тина луѓе на автобуска постројка за да реши да ја изведе својата крвава замисла.

Од друга страна, зачестени контролни пунктови на силите за безбедност не само што не се решение туку се и потенцијални жаришта, ако се научат лекциите од Ирак каде што токму таквите пунктови беа места за изведување најмасовни убиства.

Тоа чувство го знаат луѓе од многу земји од светот. На пример оние во Бејрут во кој своевремено секое паркирано возило беше потенцијален автомобил - бомба. Или скопјани кои по атентатот на Глигоров одеднаш почнаа да заобиколуваат коли кои им изгледаа малку натежнати.

24 декември 2016 - 16:41