Убаво се живее од стравот од Русија

Романците им се пожалија на Американците колку им е блиску руската база во Севастопол, на Крим. Американците го смирија: спремете 4 милијарди долари и ништо не ви можат.

Освен нешто тенковски мини за Австралија и Хелфајр ракети за Холандија, американскиот Конгрес неделава одобри и мрсен дил за продажба на против-воздушниот одбрамбен систем Патриот на Романија. 

3,9 милијарди долари за системот плус ракетки за да се пука со него. Една ракета чини околу 3 милиони долари, но тоа е помалиот дел од дилот (вкупно 672 милиона долари од целиот договор).

Од романската граница до руската воена база во Севастопол има околу 320 километри. А руски фајтер Su-27 кој би полетал од про-руското Придњестровје во Молдавија (100 и нешто километри), на романското небо би се нашол за помалку од три минути.

Нарачката од Американците би требало да го ублажи стравот. Романците купија вкупно 28 лансирни рампи Патриот со по 8 ракети за секоја од нив.

Примарни контрактори за системот Патриот се контроверзните компании Рејтеон и Локхид Мартин. Во досегашната историја ( а ја има доста, Рејтеон постои уште од 1922 година), не се случило Конгресот да им одбие договор на овие фирми.

Во овој случај, лавовскиот дел ќе го земе Рејтеон (3,4 од вкупните 3,9 милијарди). Со фина профитна маргина од 14,3 %, тоа значи дека само од овој договор компанијата ќе укнижи профит од неверојатни 485 милиони долари.

16 јули 2017 - 19:58