Турција строеше американски дипломати заради лајк на Твитер

Дипломати од амбасадата се свикани во МНР на Турција да се објаснат пред тамошните власти што сакале да кажат со својот лајк на еден твит.

Ердоган и Бахчели

Се работи за твит од саботата во кој се вели дека Турција треба да биде подготвена за политички период без Девлет Бахчели, првиот човек на Националистичкото движење и помал коалиционен партнер на Ердоган.

71-годишниот Бахчели минатиот месец беше хоспитализиран, но за кратко време беше пуштен. И покрај тврдењата дека е добар, и понатаму има сериозна загриженост околу неговото здравје. Твитот алудира на вториот дел, и дека тој веројатно нема уште долго да биде во игра.

Американската амбасада се извини за лајкот, објаснувајќи дека твитот „по грешка бил лајкнат“.

Инаку, сегашниот американски амбасадор, Дејвид Сатерфилд пристигнува во Анкара дури на почетокот од годинава, откако неговиот претходник уште во 2017 ја напушти земјата.

САД и Турција изминативе години се во постојано натегање околу најразлични теми, од идниот статус на сириските Курди, до Сирија, владеењето на Ердоган и одлуката на Турција да купи стратешко оружје од Русија.

7 октомври 2019 - 16:02