Султанот од Брунеи ја врати дипломата од Оксфорд

Чергата му ја запалија Џорџ Клуни и Елтон Џон заради тоа што во султанатот се воведоа смртни казни и каменувања на хомосексуалци и силеџии. Ама сечи им го паметот на оние во Оксфорд што уопште му давале почесни титули на султан.

Султанот од Брунеи ја врати почесната титула добиена од Оксфорд по жестоките реакции предводени од познати лица како Џорџ Клуни и Елтон Џон заради воведувањето смртна казна за геј секс и прељуба во султанатот богат со нафта.

Околу 120.000 лица потпишаа петиција да му биде одземена дипломата на Хасанаи Болкиа, втор по долготрајност монарх во светов и истовремено премиер на Брунеи кому таа му била доделена уште во 1993 година.

Пред да донесат одлука, Оксфорд побарале од султанот да се произнесе за случајот но овој решил самиот да им ја врати почесната титула.

Малата јужно-источна азиска земја предизвика огорченост на Запад откако на почетокот на април реши содомијата, прељубата и силувањата да ги казнува со смртна казна, вклучувајќи каменување. Познатите фаци побараа да бидат бојкотирани објектите на султанот на Запад (тој го поседува Дорчестер во Лондон и Беверли хилс хотел во ЛА), меѓународни компании забранија нивните луѓе да ги користат овие хотели а неколку туристички агенции престанаа да го промовираат Брунеи како дестинација.

Во Азија во моментов доминираат конзервативни политики. Мијанмар, Малезија и Сингапур забрануваат истополови односи, Индонезија сè почесто прави рации во ЛГБТ круговите а Брунеи, некогашен британски протекторат со 400.000 жители, беше првата земја од регионот која во 2014 година промовираше шеријатски казни во националното законодавство.

24 мај 2019 - 14:23