Специјалниот американски пратеник за Венецуела и неговата историја на уништување низ Латинска Америка

Се вика Елиот Абрамс, на позицијата беше именуван минатата недела, а во резиме има повеќе од 30 години разорување низ Јужна Америка, и ова некако не им се допаѓа на новите американски конгресмени.

Првиот мандат на Абрамс во Белата куќа е во мај 1981, кога во администрацијата на Реган служи како помошник секретар на Стејт департманот за човечки права.

Од оваа позиција тој е поборник за испраќање помош на Гватемала и нејзината власт со која раководи диктаторот, Ефраин Риос Мот, кој на позицијата доаѓа поразувајќи ги левичарските сили. 30 години подоцна Мот е осуден за виновен за масовни убиства и тортура врз домородното население во Гватемала.

Од работата со Никарагва, Абрамс признава вина по две основи за учество во Иран-Контра аферата, во која САД тајно му продаваше оружје на Иран (кој во тоа време е под санкции), а парите требаа да бидат префрлени на десничарските Контраши во Никарагва за да ја помогнат нивната борба. Подоцна Абрамс е помилуван од Буш постариот.

Ел Салвадор е една од најкрвавите епизоди во кариерата на Абрамс, каде тој е обвинет дека знаел за  масакрот во Ел Мозоте извршен од салвадорската армија, која беше сојузник и поддржувана од САД и администрацијата на Реган, а Абрамс беше еден клучните луѓе во таа соработка.

Иако во масакрот во Ел Мозоте во декември 1981 салвадорската армија убива над 800 цивили, со години настанот се негираше и беше претставен како комунистичка пропаганда. Дури и Абрамс на сведочењето пред Сенатот на САД изјавува дека извештаите за масакар „не се кредибилни“ и дека се пропаганда на левичарската герила во земјата.

Во 1993-та прво Салвадорската комисија за вистината објавува дека во 1981 властите извршиле масакар, за некое време подоцна да се појават и дополнителни документи според кои луѓе од администрацијата на Реган знаеле за масакрот.

Истиот овој човек на 25 јануари од државниот секретар на САД беше назначен за специјален пратеник на САД за Венецуела.

На 13-ти февруари тој имаше сослушување пред комитетот за надворешни работи на претставничкиот дом на САД. Тазе демократската конгресменка Илхан Омар, имаше прилично остра размена со Абрамс, меѓу другото потсетувајќи го на неговата улога во Ел Мозоте и Иран-Контра. Едно од прашањата на Омар до Абрамс беше „Не можам да разберам зошто членовите на овој комитет или американската јавност би требало да веруваат дека твоето денешно сведочење ќе биде вистинито?“

 

14 февруари 2019 - 12:06