Што потпишаа Ким и Трамп

Трамп вети безбедносни гаранции за Демократска народна република Кореја, Ким Јонг Ун вети комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Светот среќен.

Во изјавата што ја потпишаа двајцата претседатели се вели:

Претседателот Доналд Трамп на Соединетите Американски држави и Претседателот Ким Јонг Ун на Комисијата за државни работи на Демократската народна република Кореја (ДНРК) одржаа прв, историски самит во Сингапур на 12 јуни 2018.

Претседателот Трамп и Претседателот Ким Јонг Ун имаа обемна, детална и искрена размена на мислења за прашањата поврзани со воспоставување на новите односи меѓу САД и ДНРК, и изградба на траен и робусен мировен поредок на Корејскиот Полуостров. Претседателот Трамп се обврза на обезбедување безбедносни гаранции за ДНРК, а претседателот Ким Јонг Ун ја потврди својата силна и решителна посветеност кон комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Уверени дека воспоставувањето на нови односи меѓу САД и ДНРК ќе придонесе кон мир и просперитет на Корејскиот Полуостров и на светот, и препознавајќи дека изградба на меѓусебна доверба може да придонесе кон денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, Претседателот Трамп и Претседателот Ким Јонг Ун го изјавуваат следното.

1. САД и ДНРК се посветуваат на воспоставување нови односи меѓу САД и ДНРК во согласност со желбата за мир и просперитет на луѓето од двете држави.

2. САД и ДНРК со заеднички напори ќе изградат траен и стабилен мировен поредок на Корејскиот Полуостров.

3. Потврдувајќи ја Декларацијата од Панмунџом, потпишана на 27 април 2018, ДНРК се обврзува на работење кон комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

4. САД и ДНРК се обврзуваат на откривање на останките на воените заробеници и исчезнатите во војна, вклучувајќи и неодложна репатриација на оние кои веќе се идентификувани.

Согледувајќи дека САД-ДНРК самитот - прв ваков во историјата - е епохален настан со огромно значење за надминување на децении тензии и непријателства меѓу двете земји и за отворање кон нова иднина, Претседателот Трамп и Претседателот Ким Јонг Ун се обврзуваат на целосно и експедитивно имплементирање на клаузулите од оваа заедничка изјава. САД и ДНРК се обврзаа да одржат дополнителни преговори, предводени од Државниот секретар на САД Мајк Помпео, и соодветен висок функционер на ДНРК, во најскоро можно време, за имплементирање на резултатите од самитот меѓу САД и ДНРК.

Претседателот Доналд Трамп на Соединетите Американски држави и Претседателот Ким Јонг Ун на Комисијата за државни работи на Демократската народна република Кореја се обврзуваат да соработуваат во развој на новите односи меѓу САД и ДНРК и на промоција на мирот, просперитетот, и безбедноста на Корејскиот Полуостров и на светот.