Шамани против Путин

Сибирски шаман ги повика поддржувачите од цел свет да му се приклучат во неговиот трет обид да го истера Путин од власт во Русија. Прочистувањето на Кремљ од Путин е закажано за пролетва.

Шаманот Александар Габишев минатата година два пати беше приведен на своето патешествие до Москва, каде оди (буквално оди) со цел да го истера Путин од Кремљ. Проблемите на Габишев со властите се по основа „поттикнување екстремизам“.

Пред своето трето пешачење до Москва, Габишев во видео ги поздрави сите свои поддржувачи и волонтери од Русија и светот, порачувајќи дека тој трга во март без разлика на судската одлука (претходните две апсења можат да му донесат казна затвор од 4 години).

„Тргнуваме без разлика на судската одлука. Јас го почитувам само Божјиот закон. Тој рече во март и март ќе биде... ништо нема да нè спречи,“ порача Габишев.

Иако декларираната намера на маршот е да го „протера демонот“, Габишев инсистира дека маршот ќе биде мирољубив и дека од никого не бара да земе оружје во рака.

Тој најверојатно ќе се држи до претходно објавениот план за протерување на Путин од Кремљ, според кој Габишев ќе запали голем оган пред ѕидините на Кремљ на Црвениот плоштад, по што ќе одржи молитва. Минатата година Габишев во интервју за Њујорк тајмс изјави дека по ритуалот „на Путин ќе му дојде памет и тивко ќе поднесе оставка“.

Габишев претходно имаше забрана за напуштање на неговиот роден град Јакутск. Забраната беше крената на 23 декември.

Најбрзиот пат од Јакутск до Москва со автомобил трае 110 часа и е долг 8.400 километри. Пешки патот е пократок, 7.900 километри, ама се стига за 1.600 часа непрекинато одење. Кога прв пат тргна во март 2019, процената на Габишев беше дека во Москва ќе стигне во 2021. Мандатот на Путин завршува во 2024.

14 јануари 2020 - 12:06