Салвини се журкал на плажа додека му спремаа пуч во Рим

Амбицијата на Салвини својата позиција на министер за внатрешни и заменик премиер да ја апгрејдува во премиер на Италија заврши (за сега) неславно, откако неговиот коалиционрн партнер му сврте грб и најде друг да му го пополни парламентарното мнозинство.

Блумберг објавува дека во моментот кога се одлучувало за коалициската иднина на Салвини, тој се забавувал на италијанските плажи, „пуштајќи музика опколен со девојки што танцуваат во бикини“. Ова се случува на почетокот на август, до крајот на месецот, Салвини е избркан од италијанската влада и владејачката коалиција.

Во тоа време, освен обврските на плажа, главната намера на Салвини е да ја повлече поддршката на својата партија за италијанската влада и со тоа да предизвика криза која ќе доведе до предвремени избори, сметајќи дека на тие избори ќе го освои мнозинството. Тој на 7-ми август и го објавува ова.

Она на што Салвини не смета е дека поранешниот премиер на Италија, Матео Рензи, од опозициската Демократска партија, ќе успее да го натера раководството на својата партија да влезат во коалиција со Движењето 5 ѕвезди, со која повеќе години имаа отворено непријателство.

Двете партии имаат доволно гласови за да формираат влада без да имаат потреба од Лигата на Салвини. Во среда Џузепе Конте треба да го соопшти новиот состав на италијанскиот кабинет.

Наводно Салвини во последните моменти се обидел да му даде некој поприфатлива понуда на првиот човек на Движењето, меѓутоа бил одбиен.

2 септември 2019 - 10:21