САД почнаа да купуваат израелски одбранбени системи, за не дај Боже

Во соопштение кое се толкува како де-факто признание дека американските одбранбени ракетни системи Патриот не работат како што треба, американската армија објави дека го купува Железна купола системот од Израел.

Станува збор за израелски систем кој веќе некое успешно го брани Израел од ракетни напади, а во чие создавање САД имаат учествувано со инвестиција од 429 милиони долари. Од пуштањето во употреба во 2011, Железната купола има соборено над 1.200 проектили. Освен способноста да открие и собори проектил, Железната купола за разлика од другите вакви системи, може да процени и дали проектилот ќе ја утне метата и со тоа да заштеди на муниција (ракетите чинат околу 100.000 долари).

Израелски и американски функционери ја проценуваат стапката на успешност на системот на околу 90%, според статистиките од границите со Газа „едно од најактивните места во светот по бројот на балистички проектили“.

Резилот на САД е што тие со години за оваа намена го користат и развиваат Патриот системот, кој се има докажано во борба, и кој Американците стандардно го распоредуваат низ светот за одбрана на базите од проектили со краток домет.

Иако Патриот до сега ги нема изневерено Американците, приказната е малку поинаква кај сојузниците на САД како Саудиска Арабија. Саудијците исто така го користат Патриот главно во одбрана од проектили од Хути бунтовниците од соседен Јемен, и на оваа должност до сега тој имаше повеќе неуспеси и еднаш спектакуларно разочара во одбрана на Ријад. Она што е посебно болно е што Хутите користат релативно несофистицирани ирански ракети.

И самите Саудијци додека константно го фалат американскиот систем, и не признаваат пропусти, се во преговори со Русија за набавка на С-400 системот.

И покрај објаснувањето од вооружените сили на САД, дека израелската нарачка е само привремена и за тестирање, во анализата на Бизнис инсајдер се порачува дека „со купување на израелскиот систем со одлични оценки и заобиколувањето на американски систем со променливи резултати, САД конечно ги призна недостатоците на својот одбранбен систем“.