Полека со тоа пасошот

Сирискиот пасош најден кај еден од терористите во Париз очекувано ги потпали теориите дека мигрантската криза е пеколен план на Исис да се инфилтрира во Европа. Многумина забораваат дека фактот што луѓето бегаат од ИСИС и нивниот калифат, всушност, е најголемиот пораз на мороните. 

Еден од најморничавите детали околу терористичкиот напад во Париз беше дека кај еден од терористите (или блиску до него, во овој момент не се знае точно) е најден пасош на сириски бегалец кој го регистрирале Грците, па минал низ Македонија, Србија.... за да стигне да посее мрак во градот на светлината.

Очекуваниот (посакуваниот?) ефект е постигнат: Франција ќе бара укинување на Шенгенот и враќање на старите граници, Полска ја користи епизодата како аргумент во полза на своето одбивање на квотите, а моќниот баварски министер за финансии Маркус Шудер ќе рече:

"Деновите на неконтролирана имиграција и нелегално влегување се одброени. Париз менува сè."

Причини за загриженост околу тоа кој сè успева да мине во секојдневното стампедо бегалци секако постојат. Ги има многу, а Европа нема ни приближно изграден систем за нивна регистрација, евидентирање и проверка.

Кога Грците регистрираат бегалец, тоа е процес од неколку минути. Се заведува она што тој ќе го даде како документ, му се издава лист на човекот и се пушта понатаму. Така и кај нас, така и понатаму. Колку што знаеме, Македонија технички е во можност дневно да издаде околу 2,5 илјади привремени дозволи за престој (потребни за да ја минат луѓето земјава), а некои денови ги има и по 10.000 па и повеќе.

Од друга страна, сириски пасош денес е вредна работа бидејќи го олеснува минувањето на границите. На црниот пазар вреди неколку илјади долари а чести се сведоштвата на бегалците дека биле ограбени токму заради пасошот.

Колку е сето тоа провизорно покажа и еден холандски новинар кој успеа да направи "сириски" пасош со име на холандскиот премиер.

Гардијан наведува неколку причини заради кои не треба да се брза во донесувањето заклучок дека парискиот терорист со сириски пасош е доказ дека бранот бегалци е подмолен план на ИСИС за инфилтрирање во Европа.

Прво, засега е нејасно дали пасошот навистина му припаѓа на терористот или на жртва, каков што беше случајот со еден друг пасош.

Второ незгодно прашање е: зошто терорист која знае дека нема жив нема да излезе од задачата, со себе би носел пасош? За пасошот да биде најден?

И трето, многумина забораваат дека ИСИС има сериозен проблем со оние што бегаат од нивниот калифат. Бидејќи тие самиот калифат сакат да го претстават како азил од светот на неверниците.

"Знаете што најмногу го вади од такт екстремистите во врска со Европа? Кога гледаат како човечки и морално луѓето од континентот реагираат на бегалската криза", вели еден познавач на џихадистите. 

Со други зборови, фактот дека луѓето бегаат од ИСИС е најголемиот пораз на оваа организација, што го имаат потврдено најмалку во 12 наврати (види овде), кога врвот на Исис јавно изразил гадење од оние кои решаваат да го напуштат нивниот свет.

За среќа, истрагата најверојатно брзо ќе покаже дали пронајдениот сириски пасош е наместен, украден, фалсификуван или автентичен.

За жал, политичките одлуки се веќе побрзи од тоа.