Планетава не ја спасуваш со нејадење месо

Проблемот што планетава го има со индустријата за месо се должи на масовноста на вторава, и ова обично се решава со бојкот на јадење месо, што пак со тек на време доведува до барања за дополнително оданочување на месо и слични мерки кои веќе на пример се употребуваат за тутунот.

Водечкиот аргумент е дека глобалното производство на месо генерира повеќе стакленички гасови отколку комплетниот глобален транспортен сектор.

И ова не е точно.

Тврдењата за загадувањето што се создава од одгледување животни доаѓаат од студии како онаа на Ворлдвоч институтот од 2009, според која 51% од стакленичките гасови доаѓаат од одгледувањето и обработка на стока. Во исто време американската владина агенција задолжена за животната средина, тврди дека најголеми извори на стакленички гасови во 2016 се производство на струја (28% од вкупната количина), превоз (28%) и индустријата (22%).

На комплетното земјоделство отпаѓаат 9%. Од нив сточарството е одговорно за само 3,9% од вкупните стакленички гасови кои се произведуваат во САД.

„Од каде е тогаш заблудата? Во 2006, ФАО на ОН објавува студија под наслов ’Долгата сенка на стоката’, која добива огромно меѓународно внимание. Во неа се тврди дека стоката произведува неверојатни 18% од стакленичките гасови.

Агенцијата извади застрашувачки заклучок: стоката е поштетна за климата отколку комплетниот светски превоз заедно.

Второво тврдење подоцна се покажа дека не е точно, и беше коригирано од авторот на студијата.

Проблемот е што ФАО користи два различни метода за мерење на загадувањето од двете страни.

Кај стоката тие предвид го земаат секој можен фактор поврзан со производство на месо. Ова вклучува загадување од производство на ѓубриво, претворање на шумите во пасишта, одгледување храна и директни издувни гасови од стоката од раѓање до смрт.

Но кога го мерат загадувањето од превозот, тие го игнорираат влијанието што врз климата го имаат производството на делови и материјали за возила, составување на возилата и одржување на патиштата, мостовите и аеродромите. Наместо тоа се фокусираат само на издувните гасови кои излегуваат од автомобили, камиони, возови и авиони.

Како резултат на ова, споредбата од ФАО на стакленичките гасови од стоката и од превозот е значително изопачена,“ објаснува професорот Франк Митлонр од Универзитетот Калифорнија, Дејвис.

Што се однесува на овие што не јадат месо за да ја спасат планетата, професорот има уште една статистика според која ако сите Американци комплетно го елиминираат месото од својата исхрана, тоа ќе го намали американското производство на стакленички гасови за само 2,6 проценти. Придонес во ова имаат и научните и технолошки напредоци кои се направени во изминатите децении, па сега загадувањето на стоката е далеку под 11,3% измерени во 1961, иако производството на месо во САД е зголемено за повеќе од 2 пати.

28 декември 2018 - 12:58