Париз, Фокс њуз и правото да се навредува

Во известувањето околу Шарли ебдо, Фокс њуз има неколку сегменти во кои зборува дека цели населби во Париз се под шеријат и се забранети за пристап за не-муслимани. Фокс подоцна 5 пати се извинија за ова. Без разлика, Французите се најдоа доволно навредени за да најават дека ќе го тужат Фокс.

Тужбата прва ја спомна градоначалничката на Париз, Ен Хидалго, во интервју за СиЕнЕн и според неа известувањето на Фокс њуз е "многу шокантно и глупаво" и во репортажите имало "навредливи забелешки," заради што таа се чувствувала присилена да ја тужи телевизијата.

На страна забуната кај добар дел од луѓето кои до сега го бранеа Шарли ебдо и нивното право да навредуваат, правните експерти не се нешто посебно оптимистични околу тужбата, бидејќи во САД веќе има судски преседан за ваков случај. Според одлуката на Врховниот суд на САД за случај од 1964-та, "погрешните изјави се неизбежни во слободната дебата" и заради ова "тие мора да се заштитат за на слободата на изразување да и се остави доволно простор за дишење кој и е неопходен за да преживее."

"Заканувајќи се со судска постапка против каналот, Хидалго си дозволи да направи невешта грешка. Сепак моменталната тензија во Франција е подгреана од инсистирање на правото да се навредува," пишува Кејси Вербер во Кварц.

21 јануари 2015 - 18:01