Нинџите пред истребување во Јапонија

Да е Исланд па да му снемаат нинџи и да ти е јасно, ама кога Јапонија пријавува дефицит на нинџи тогаш тоа е веќе валидна криза. Мада па кој ги видел?

Ига е јапонско гратче со околу 100 илјади жители, а секоја година оваа бројка се зголемува за околу 30.000 луѓе за време на годишниот нинџа фестивал што се одржува во градот. Ига се смета за местото од кое потекнуваат првите нинџи.

Проблемот што Јапонија го има со стареење и намалување на бројот на жители, речиси идентично е отсликан и во Ига, со таа разлика што таму директно удира на бројот на достапни нинџи и е закана за опстојување на фестивалот. Префектурата Мие, во која се наоѓа Ига, минатата година има привлечено само 43 нови млади жители, додека само Ига има изгубено околу 1.000 жители.

Освен заминувањето на млад локален потенцијален нинџа кадар во поголемите градови, друг проблем е што Јапонија има екстремно ниска стапка на невработеност од само 2,5%, заради што е многу тешко да најдеш работници „а не па стручни нинџа изведувачи.“

„Нинџа не е наследна титула. Без сериозен тренинг, никој не би можел да стане нинџа. И тоа е причина зошто тие тивко заминуваат во историјата,“ своевремено објаснува кураторот на локалниот нинџа музеј.

Ваквата ситуација останува и покрај годишната плата за нинџи од 23 до 85 илјади долари.

Токму „нинџа туризмот“ е еден од главните столбови на планот на градоначалникот на Ига за подобрување на економската состојба во градот, но бројот на туристи во Ига не расте и покрај тоа што минатата година Јапонија ја посетиле 29 милиони странски туристи, што е 20% повеќе од 2016.

18 јули 2018 - 10:59