На кој јазик да се разведеме?

Кавгите околу тоа на чиј јазик да се зборува изгледаат како типично балканска занимација. За среќа, тука е ЕУ одвреме - навреме да нè потсети дека национализмите на Балканот дојдоа од Европа.

Главниот преговарач на Еропската Унија околу спроведувањето на Брегзитот би преферирал за време на разговорите околу разводот на Британија и Унијата да се зборува на француски а не на англиски јазик.

Извори на Ројтерс велат дека Мишел Барние, инаку поранешен француски министер за надворешни работи, ќе проба да издејствува официјален јазик на преговорите околу излезот да биде францускиот.

Тој демантираше дека веќе изразил таква намера велејќи дека прашањето на јазикот на преговорите ќе се покрене дури откако Британија формално ќе влезе во постапката.

Употребата на францускиот јазик како официјален јазик на тие прегови би била отстапка од досегашната практика во која мултинационалните тимови во Брисел комуницираат главно на англиски јазик. Дури и основачите на ЕУ како што се Германија и Франција вообичаено меѓусебе зборуваат на англиски јазик, кој стана доминантен ообено по приемот на северните и источните држави во Унијата. 

Уште кога Жан Клод Јункер го назначи Берние на функцијата, тоа беше примено на нож кај британските политичари; некои од нив таквиот потег дури го доживеаа како прогласување војна.

Од друга страна, некои јазични пуристи во ЕУ велат дека откако Британија реши да излегува, англискиот јазик би можел да го изгуби статусот на еден од официјалните јазици на Унијата.

25 октомври 2016 - 14:21