Мулти-култи, кога-како

Значително малцинство од Британците смета дека во земјата не успеал мултикултурализмот, и дека различните заедници генерално живеат посебен живот.

Истражувањето спроведено од Југов, а нарачано од анти-фашистичката група Хоуп нот хејт, открива дека 43% од испитаниците предвиделе дека односите меѓу различните заедници во Британија ќе се влошат во следните неколку години. Наспроти нив, само околу 14% верувале дека тие ќе се подобрат.

Она околу што се оптимисти нарачателите на анкетата е дека речиси половина од испитаниците изјавиле дека Британија е успешно мултикултурно општество. Она што ги разочарува е што ова мислење е доминантно меѓу гласачите за останување во ЕУ и симпатизерите на Либерал демократите.

Кај конзервативните симпатизери и поборниците за брегзит две-третини не верувале дека мултикултурализмот во земјата е успешен.

„Општо, реалноста е дека мултикултурализмот има нееднаков успех - заради што некои делови од Британија се поинтегрирани од други,“ изјавил првиот човек на организацијата, Ник Лоулес.

Тесно мнозинство било загрижено дека имиграцијата предизвикува растечки притисок врз болниците и училиштата, а повеќе од една-третина од анкетираните го сметаат Исламот за закана за британскиот начин на живот, што е за малку повеќе од бројот на луѓе што сметаат дека муслиманската религија и британскиот начин на живот се компатибилни.

81% од испитаниците биле сосема среќни во заедниците во кои живееле, а околу една-третина од луѓето пријавиле дека тие или член на семејството бил во врска со некој од друга етничка припадност.

Севкупно, по референдумот за брегзит имиграцијата повеќе не била така важна тема за испитаниците, според кои сега приматот го имаат договорот за напуштање на ЕУ и јавното здравство.

16 април 2018 - 11:57