Крајот на трансатлантската шарада

Безбедносната конференција во Минхен беше моментот во кој Европа и Трамп престанаа пред јавноста да се преправаат дека се почитуваат еден со друг.

Ништо од ова не се случи изненадно, проблемот тлее веќе две години, и иако пред јавноста се глуми дека не постои некое разидување, внатре работите не функционираат како што треба.

„Американската позиција колабира под тежината на сопствените контрадикции. Европејците прибегнуваат кон носталгијата за мултилатерален поредок. Во меѓувреме вистинскиот предизвик од растечкиот авторитарен блок останува главно игнориран,“ пишува Томас Рајт во текстот за Атлантик.

Ако треба конференцијата во Минхен да се сведе на еден лик, тоа би бил нејзиниот 72-годишен претседател, Волфганг Ишингер, кој настанот го отвори облечен во блузон на кој е исцртано знамето на ЕУ, а го затвори со пораката „како што се приближува крајот на конференцијата, критичарите можат да кажат дека некои говорници беа помалку заинтересирани за лепење на пукнатините отколку за создавање уште повеќе неред во меѓународниот систем.“

Друга споредба покажува дека Пенс во својот говор на конференцијата во 2017, обемно зборува за важноста на НАТО алијансата и историските постигнувања. Во годинешниот говор нема ништо од тоа, а единствената пофалба за НАТО е за нивниот одговор во однос на зголемената воена потрошувачка на Трамп. Остатокот беше серија критики од Пенс против НАТО и ЕУ за тоа што не направиле доволно околу Иран, Северен тек 2 и Венецуела.

Од друга страна и Европејците (Германија) придонесоа за општата напнатост. Па така Меркел додека ги бранеше политиките на Германија, ја исмејуваше администрацијата на Трамп и нивните изјави дека германските автомобили претставуваат закана за националната безбедност на САД. Таа ги отфрли нападите дека ЕУ не била доволно цврста кон Иран, потсетувајќи дека американското повлекување од Сирија ги засили позициите на Иранците.

„Американците и Европејците се осудени на барем уште две години меѓусебна недоверба. Германците веќе не се ни обидуваат да го шармираат Трамп. Во 2017 германската канцеларка се зближи со Иванка Трамп во надеж дека ќе ги зацврсти односите со САД. Можеби тоа е причината зошто првата ќерка годинава беше во Минхен. Меѓутоа наследничката на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер, се држеше на дистанца од Иванка за време на заедничкиот појадок...

...Волфганг Ишингер беше во право. Има голем проблем. Западните лидери се повлекуваат во своите ровови, напаѓајќи се еден со друг, наместо да мислат како да се справат со нови предизвици. Ние до сега бевме доволно среќни што нема некоја поголема криза додека Трамп е на смена, меѓутоа среќата веројатно нема трајно да трае. Кога ќе заврши не е важно кој ќе биде виновен. Битно ќе биде само дали ние сме подготвени да се справиме со тоа,“ порачува Рајт.

20 февруари 2019 - 13:14