Конгресменката што (за сега) нема пари за да се пресели во Вашингтон

Нова конгресменка, демократ ама од тие што се по на лево, не може да си дозволи пред првата плата да се пресели во главниот град на САД каде што треба да го изработи својот мандат.

Сè е тоа убаво што станала член на Конгресот, меѓутоа 29-годишната Александрија Окасио-Кортез објаснува дека треба да мине 3 месеци без плата пред да ги види првите пари од својата позиција, „па како да најдам стан?“

Заради ова таа до јануари планира да остане во Њујорк.

Својата ситуација таа ја поврза со општиот проблем со домување во САД, објаснувајќи дека има „многу мали начини на кои изборниот систем во САД не е направен (ниту подготвен) за работниците да учествуваат во раководењето (со земјата)“.

Пред да се кандидира за Претставничкиот дом, Окасио-Кортез работела како келнерка.

Меѓу работите за кои се залага Окасио-Кортез се здравствена заштита за сите, и оданочување на Вол стрит од каде целосно ќе се финансираат јавните универзитети.

За време на целата своја кампања таа не прифати ниту една донација од корпорациите.

Победата на Окасио-Кортез е важна по повеќе основи, бидејќи како млада жена, дете на имигранти таа во прв круг успева да го победи конгресменот од Њујорк, Џо Краули, кој претходно истера 10 мандати и се сметаше за најмоќен Демократ во Претставничкиот дом зад Ненси Пелоси.