Како речиси половина милијарда долари во фејк Најк влегоа во САД

Мобилни за една употреба, лажни мејлови и лажни компании помагаат за на крај да се испорачаат огромни количини Најк (нешто ситно и Луи Витон чевли) во САД.

Како дел од шемата нивната роба ја минува царината, бродските контејнери од пристаништето во Њујорк, не одат на адресата наведена во документите, туку завршуваат во складишта во Бруклин, Квинс и Лонг Ајленд. Тука бродски пакуваната роба, инаку декларирана како уреди за домаќинство или вазни, се препакува во помали кутии подготвени за продажба на мало.

Американските власти прв пат ја забележуваат мрежата на почетокот од 2012, кога цариници во Њујорк запленуваат контејнер полн со фалсификат патики од Кина. Во следните неколку години тие имаат уште 16 слични апсења.

Апсењата се случуваат спорадично се до октомври 2018 кога властите откриваат клучна трага. Поточно, уапсен по друга основа почнува да цинкари во надеж дека ќе добие полесна казна. Тој на истражителите им дава и број од мобилен телефон на лице по име - Реј. Проверката во дата-базата го поврзува овој број со барањето за туристичка виза за САД од кинескиот државјанин Куингфу Зенг. Во апликацијата тој има наведено дека живее во Шензен, и дека е заменик директор на инвестициска компанија.

Како дел од соработката кодошот треба да се сретне со човек од Њујорк на кој му го дава сопствениот привремен број. Врската бројот го предава на втор човек во Кина. По ова Зенг го контактира кодошот и му дава насоки да земе калифорниски телефон за една употреба.

Следниот ден Зенг на кодошот му испраќа меил адреса и пасворд за компанијата „tehtungcorp.com“, домејнот е сличен со „tehtung.com“ кој припаѓа на една легитимна кинеска компанија која работи со хартиени производи. Насоките од Зенг се дека во пристаништето во Лос Анџелес пристигнува контејнер од Наншан, Кина, со 11.000 килограми хартиени салфетки.

Властите кои ја следат комуникацијата меѓу двете страни, го пресретнуваат контејнерот. Во него има два реда кутии со генерички чевли, а зад нив сè е фалсификат Најк. Тие земаат „примерок“ и остатокот го пуштаат да продолжи до крајната дестинација.

Во јуни тие имаат уште една пратка, овој пат во Њу Џерси. Сега е на име на сосема друга компанија, но повторно со иста комбинација: два реда генерички чевли, а сè останато фалсификати Најк. И тука тие земаат примерок и го пуштаат контејнерот да продолжи.

Во јули, со потполно иста постапка тие пречекуваат контејнер во Њуарк. И пак го проверуваат, земаат примерок и го пуштаат.

На 4-ти декември Зенг пристигнува во Лас Вегас. На 6-ти американските власти вадат таен налог за негово апсење. На 27-ми декември тие го апсат Зенг на аеродром во близина на Вашингтон.

Зенг моментално чека судење.

Според властите мрежата на Зенг има внесено вкупно 129 контејнери во САД.

2 јануари 2020 - 16:24