Како поскапување на јавниот превоз од 2,2 денари го запали Чиле

Возењето со метро превозот во главниот град на Чиле минатиот месец поскапе за 30 пезоси (2,2 денари), и од тогаш до денес демонстрациите во земјата не се запрени.

Немирите почнуваат со студентски протести во кои се повикува на избегнување на плаќање карта со прескокнување на капиите за наплата. Полека прескокнувањето прерасна во поголеми демонстрации и хаос, па ограбување супермаркети, немири на улиците и палење на 22 метро станици. Кратко по ова, претседателот на Чиле објави вонредна ситуација, испрати војска на улиците и воведе полициски час во земјата, што се случува прв пат по крајот на бруталната диктатура на Пиноче.

Од тогаш, во протестите има 19 мртви, а тие не стивнуваат и покрај обидите на власта да ги одоброволи граѓаните, како на пример реконструкција на кабинетот на претседателот. Моментално протестите опфаќаат теми од ниски пензии до лоши јавни услуги.

А ништо од ова не требаше да се случи. Чиле, изминативе години константно е фален како пример за економски успех, тамошните економски политики успеаа да ја симнат сиромаштијата од 31% во 2000 на 6,4% во 2017, а земјата е и највисоко рангирана на индексот на ОН за човеков развој.

„Ама загреби малку под површината и сликата е друга. Неодамнешна локална студија покажува дека 50% од чилеанските работници заработуваат помалку од 400.000 пезоси (485 евра) месечно, заради што и минимална промена на јавните трошоци можат да бидат причина за бунт.

Извештај на О.Н. од 2017 заклучи дека најбогатиот 1% од популацијата заработува 33% од националното богатство, што го прави Чиле најнерамноправниот член на ОЕЦД,“ објаснува Марк Јохансон во Вокс.

Она што тамошните економски експерти го потенцираат е дека плодовите од економскиот раст на Чиле во изминатите три децении се нерамномерно распределени, објаснувајќи дека малите протести кои се случуваа сето ова време, сега како да се синхронизираа „заедно се запалија и направија експлозија што ја прекри целата држава и речиси секој општествен слој“.

5 ноември 2019 - 14:59