Германија го укинува данокот на обединување

Речиси три децении по падот на Берлинскиот ѕид германските власти решија дека е доста од собирање пари по таа основа.

Данокот од 5,5% важеше за сите граѓани на Германија освен за оние со најниски примања. Планот е до 2021 тој да биде укинат за 90% од обврзниците кои денес го плаќаат.

Во 2018, само од овој данок во германскиот буџет влегуваат 18,9 милијарди евра. По промената се очекува дека приходите ќе бидат намалени само за околу половина, бидејќи најбогатите 10% од германските жители и понатаму ќе продолжат да го плаќаат.

Договорот за негово укинување доаѓа по изборите 2017, а моментално добро им легна на обидите на властите повторно да ја залауфаат германската економија.

Данокот (кој наликува на нешто што на времето се плаќаше во СФРЈ за развој на Косово) е воведен по обединувањето со цел да се намали нееднаквоста меѓу Истокот и Западот на земјата. И тој помагаше за сè од зголемување на регионалните плати до подобрување на инфраструктурата. И покрај укинувањето на данокот федералната влада и понатаму ќе одвојува од државниот буџет за програми за развој на поранешна Источна Германија.

13 август 2019 - 11:51