Екипата на Хилари уште му прави зулум на Берни Сандерс

Минатата недела повеќе луѓе кои работеа на кампањата на Хилари во 2016, кој јавно кој анонимно, ги искажаа своите фрустрации околу претседателската кандидатура на Сандерс за 2020.

Едни излегоа со инфо дека Сандерс побарал приватен авион за да ја поддржи Хилари за време на кампањата, други тврдат дека Сандерс дозволил неговите најпопалени симпатизери да внесат раздор во Демократската партија, а неколку различни извори ги притискаат медиумите да се позанимаваат со неговите минати ставови околу контрола на оружјето и истополови бракови.

Поранешниот висок советник на Хилари, Зак Петканас, во колумна за Ен-би-си њуз, пишува како секое можно гласање на неговиот кандидат било повеќекратно проверувано од медиумите, додека на Сандерс му било попуштано.

„Сржта на нивните фрустрации е во верувањето дека Хилари поштено го има победено Сандерс, и дека тој бил плачко после тоа,“ пишува Тара Голшан во текстот за Вокс.

Голшан посочува дека во целиот гнев што тимот на Клинтон го има кон Сандерс, тие забораваат дека повеќе симпатизери на Сандерс гласаа за Хилари во 2016, отколку што симпатизери на Хилари гласаа за Обама на претседателските избори 2008.

Хилари откако изгуби од Обама во 2008, имаше уште 8 години за да се подготви глатко да ја добие партиската кандидатура од демократите. Сандерс со клизачи му влезе на овој план, освојувајќи ја поддршката од Ајова и Њу Хемпшир, со што дојде во прашање целата кандидатура на Хилари.

На крај, по неочекувано долга битка, победата беше на Хилари.

Уште тогаш се чувствуваше дека Хилари нема да брза со прочка на Сандерс за одолговлекувањето на партиската трка, па во својата книга по претседателските избори, таа го наведе Сандерс меѓу факторите кои довеле до нејзин пораз од Трамп.

Симпатизерите на Сандерс не беа ништо поблагонаклонети кон Хилари. Тие беа упорни дека партиските избори 2016 се наместени, и дека Хилари како кандидат на естаблишментот, зад себе го има целиот апаратус на Демократската партија, и дека уште пред почетокот на изборите таа ја има поддршката на суперделегатите на партијата. Ова беше потврдено и во протечените мејлови од Демократската партија, во кои се наведува дека раководството има одбивност кон Сандерс.

Тие не забораваат да го спомнат и „Помрачувањето на Берни“ кое се однесува на игнорирањето на движењето на Сандерс од страна на медиумите се до партиските избори. Според анализа од Харвард, 5-те главни републикански кандидати во овој период добиле повеќе време во вестите отколку Сандерс. Хилари добила 3 пати повеќе време отколку Сандерс.