Директорот на ЦИА стана нов државен секретар на САД

Како што е редот, Трамп во еден твит го потврди отпуштањето на досегашниот министер за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, и го објави неговиот наследник, Мајк Помпео, досегашниот прв човек на американското разузнавање.

Додека Тилерсон доаѓаше од бизнис секторот, поранешен ЦЕО на ЕксонМобил, Помпео доаѓа од воено-разузнавачкиот еснаф но има искуство и во бизнис. За него е карактеристично и што е уште еден од опкружувањето на Трамп што е фан на руската писателка Ајн Ранд, за што претходно пишувавме.

Помпео е роден во Калифорнија од каде по завршување на основно и средно, заминува во воената академија Вест поинт. Дипломира механичко инженерство како првенец во генерација (1986). Во американската армија стигнува до чин капетан, а главно служи на „патролирање на Железната завеса пред падот на Берлинскиот ѕид.“

Од армијата се враќа на студирање и во 1994 завршува правни студии на Харвард. Работи и како уредник на „Харвард ло ривју“. По завршување напушта армија и се префрла на право и бизнис. Работи во повеќе компании во разни сектори, од право до авионска и нафтена индустрија.

Во 2010-та решава да се кандидира на републиканските избори за конгрес во Канзас. Победува и на партиските избори, а подоцна и на изборите во Канзас, и влегува во претставничкиот дом (Кох браќата се меѓу донаторите на неговата кампања). По ова тој ја задржува позицијата и во 2012, 2014 и 2016.

За време на изборите во 2016 тој застана на страна на „кандидатот на Републиканската партија, затоа што Хилари Клинтон не може да биде претседател на САД.“

Кога Трамп станува претседател го номинира Помпео за позицијата директор на ЦИА, и го назначува за член на својот кабинет. Нето вредноста на Помпео во 2016 се проценува на 266.510 долари. Како директор на ЦИА тој има годишна плата од 185.100 долари.