Црнкињата нема да се појави на 20 долари во скоро време

Редизајнот на 20-доларката, со кој ќе се разбиеше монополот на бели мажи на американската валута, администрацијата на Обама објави дека ќе биде пуштен во оптек некаде во 2020. Овие што дојдоа после него одложија за 2028.

Одложувањето го најави првиот човек на американскиот трезор, Стив Мнучин, според кого потребно е уште многу работа на безбедносните карактеристики на новата банкнота, главно насочена против фалсификување.

„Главна причина зошто сакавме да ја редизајнираме валутата е заради проблеми со фалсификување. Врз основа на ова, банкнотата од 20 долари нема да биде пуштена барем до 2028. Банкнотите од 10 долари и од 50 долари претходно ќе излезат со новите безбедносни карактеристики,“ изјавил Мнучин.

Според дизајнот одобрен во времето на Обама, Хариет Тубман, црнкињата која кон крајот на 19-от век станува позната по ослободување на робови низ САД, требаше на 20-ката да го замени поранешниот американски претседател Ендру Џексон.

Трамп претходно има изјавено дека значително го почитува Ендру Џексон, а за време на кампањата 2016, изјави дека Тубман, која ја опиша како „фантастична“, повеќе би одговарала на банкнотата од 2 долара, или некоја слична која помалку се користи.

Пуштањето во оптек во 2020-та требаше да коинцидира со 100-годишнината на 19-от амандман на американскиот Устав со кој на жените во САД им се даде право на глас.

23 мај 2019 - 12:35