Чизмата се смалува

За првпат во последните 90 години, Италија падна под 55 милиони жители. По сицилијанските села раѓање на бебе е толку ретка прилика што тоа се обележува со биење камбани.

Само за четири години, во периодот меѓу 2014 и 2018 година, италијанското население се намалило за 677.000 луѓе. 

Главни се два фактора: намалениот број на новороденчиња и големиот одлив на луѓе надвор од земјата, особено на млади луѓе. Одат во Германија, Франција, Англија, Белгија. Само лани, земјата ја напуштиле 157.000 луѓе.

На глобалниот список е втора (после Јапонија) по однос на возраста на населението. На 100 млади луѓе имаат 168 постари од 65 години. Според податоците на ОН, Италија е единствената голема европска економија на која населението ќе и се намалува во следните пет години.

„Отворањето врати за имиграцијата можеби е единствена солуција за опстанок на нашите места кои се на пат да исчезнат. Ако ја погледнете историјата на Франција и САД, ќе видите дека дојденците се решение за население ко опаѓа,“ смета професор по економија од универзитет во Милано.

На 81 годишниот Џузепе Ли Пани од сицилијанското село Аквавива му е јасно дека тоа место во догледно време најверојатно ќе го снема. Своевремено селото броело 3.700 луѓе, сега се едвај 800 и тоа главно пензионери кои везден играат карти. Ама се радува штго за октомври им е најавено биење на селските камбани. По кој знае колку време, селото ќе добие ново бебе.

12 јули 2019 - 11:30