Бугарски работи

Бугарин обвинет дека шпионира за Русија доби дозвола од бугарскиот суд да ја напушти Бугарија и да отпатува за Москва каде беше одликуван со орден од рускиот претседател Владимир Путин, та-даааам.

Поранешниот пратеник и прв човек на бугарското Национално русофилско движење, Николај Малинов дозволата за патување во Москва ја доби за 28.000 долари кауција.

Малинов присуствува на приемот по повод рускиот Национален ден на единството, каде и му е доделен орденот.

Откако снимката од церемонијата беше објавена од медиумите, бугарското обвинителство побара објаснување од судот за ваквата одлука.

Наградата што ја доби од Путин е за придонесот што го има во „развојот на пријателството и соработката меѓу двете земји“. На прес-конференција следниот ден, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави „се надевам дека луѓето како него ќе имаат шанса да продолжат да работат“.

Малинов е на суд под обвинение дека дал информација на руски истражувачки институт и на невладина организација „за да помогне да се измени геополитичката траекторија на неговата држава“. За бугарската држава спорни се средбите на Малинов во Москва со пензионираниот генерал-потполковник на руските тајни служби, Леонид Решетников. Инаку, Решетников има 10-годишна забрана за влез во Бугарија.

Во своја одбрана Малинов изјави: „се сретнав со генерал Решетников, јадевме, пиевме и бевме во руска бања. Мојот најважен состанок беше со Путин и за среќа имав можност да зборувам со него на 5-6 минути за Бугарија, русофилите и неговото мислење за она што го правиме.“

6 ноември 2019 - 14:24