Британија ќе кова славенички парички за денот на Брегзит

Милиони брегзит монети од 50 пени ќе бидат пуштени во оптек на 31-ви октомври, последниот ден на Британија во Европската Унија.

Од она што се знае, на паричките ќе биде испишана пораката „Пријателство со сите нации“ и денот на напуштање на ЕУ - 31 октомври 2019. Британските власти веќе разработуваат план како до 31-ви октомври да го постигнат посакуваниот обем на монети.

Паричките ќе бидат дел од прославата на Денот на независноста, како што брегзит е именуван кај дел од јавноста. Брегзитерските монети беа идеја на претходниот министер за финансии, Филип Хамонд, кој сакаше да се исковаат 10.000 примероци, кои би се продавале по цена од 10 фунти.

Одлуката првичниот план да се омасови и да се коваат милиони парички беше протолкувана како знак дека Министерството за финансии целосно е застанато зад Брегзит.

Еден од можните проблеми околу целиот план е дека дозвола за паричката треба да даде и советот на кралицата, чиј прв следен состанок е закажан дури за октомври.

13 август 2019 - 14:58