Австралија опен се задуши во чад од пожарите

Марија Шарапова го прекина подготвителниот меч во Мелбурн пред турнирот, а Словенката Далила Јакуповиќ заврши на колена на теренот во Мелбурн парк од загадениот воздух предизвикан од пожарите во Австралија.

Јакуповиќ го играше својот квалификациски натпревар, а натпреварот го прекина во време кога го имаше добиено првиот сет, а вториот го губеше со 6-5 (и предност). Откако не можеше да прекине да кашла и да земе воздух, Јакуповиќ клекна на колена од страв да не колабира, и подоцна реши да се повлече од натпреварот.

Таа објасни дека никогаш претходно немала проблем со дишење, ниту пак страдала од астма, и дека и било страв дека ќе колабира. Во интервјуто по натпреварот, Јакуповиќ ги нападна организаторите и судиите што дозволиле воопшто натпреварот да се одржи.

„Не е фер. Ова не е здраво за нас. Јас бев изненадена, мислев дека денес нема да се игра, ама немаме многу избор,“ изјави Јакуповиќ.

Поплаки имаше и од други тенисерки, а на споредните игралишта Шарапова одлучи да го прекине подготвителниот меч со Германката Зигмунд.

Пред сето ова организаторите на Австралија опен ги прекинаа тренинзите на Мелбурн парк, а почетокот на првата рунда од турнирот беше откажана за еден час заради високото ниво на загаденост на воздухот. Тие одлучија дека во 11 часот (по локално време), квалитетот на воздухот е доволно подобрен за турнирот да може да почне.

За организаторите овие одложувања се исти како и откажување на натпревар заради дожд или висока температура.

Уште во понеделникот вечерта, австралиските власти објавија предупредување дека ситуацијата во Мелбурн во вторник ќе биде лоша до опасна, како последица на пожарите. Советот на властите до жителите на Мелбурн е „да го минимизираат времето што го минуваат во зачадена околина секогаш кога тоа можат да го прават“ и да „избегнуваат вежбање“.

Новак Ѓоковиќ, како претседател на Советот на играчи на АТП, порача дека учесниците ќе мора сами да одлучат за себе, при што една од опциите им е да го одложат своето излегување на терен.

14 јануари 2020 - 11:01