Уште колку долго ќе може да се живее во Австралија?

Соочени со иднина која сигурно им носи пожари, суши и надојдени океани, Австралијанците ќе мора да ја решат дилемата дали да се повлечат додека е време или да останат и да се борат.

После 8-месечна крвава и залудна битка кај Галиполе (Чанакале, Дарданели), австралиските и новозеландски единици (АНЗАК) во Првата светска војна прават еден генијален маневар за евакуација од бојното поле кое го губат од Турците. Денес, соочени со пожари, суши и поплави, многумина мислат дека Австралијанците се наоѓаат пред своето ново Галиполе.

Последните пожари претворија 8,4 милиони хектари земја во безживотен ќумур. Илјадници домови беа уништени, десетици илјади луѓе мораше да бидат евакуирани, некои со помош на морнарицата и авијацијата.

Пред 11 години, во два катаклизмички дена во државата Викторија, во пожари загинаа 173 луѓе. Тогаш важеше препораката „остани и бори се или замини што е можно порано.“ Денес препораката гласи „за опстанок, раното заминување е единствената опција.“

Не се само пожарите.

- сушите се неверојатни сурови, и за луѓето и за нивните дејности; резервоарите се празнат, браните се на едноцифрен процент на капацитет.

- топлотните бранови се сè пожестоки; на 4 јануари 2020 година, Сиднеј беше едно од најврелите места на планетава со 49 целзиусови степени.

- глобалното затоплување и покачувањето на нивото на водите особено е незгодно за континент чии луѓе се распространети во еден тесен појас покрај бреговите.

„Сите одеднаш сфаќаат дека ни треба план за да се справиме со сето тоа, посериозно отколку да се префрлуваме од ваму - таму,“ вели урбаниот планер Кетрин Рајланд.

Таа се обидува да покрене поширока дебата околу планираното повлекување - од градење во локации со низок ризик па сè до преземање на најголемиот и најхрабар чекор, релокација и на заедниците кои не се директно опфатени со опасностите.

„Зборуваме за големи пари, за бункери, за шелтери, за масивни промени во противпожарните функции, за промени на комуникациските системи, за разбирање што тоа ни порачува природата. Ова е нашето Галиполе, нашето опожарено Галиполе“ предупредува Дејвид Буман, професор за биолошки еко-промени на Универзитетот во Тасманија.

8 јануари 2020 - 17:55