Тутунската индустрија ќе потроши милиони долари на реклами против себе

Во драматичен пресврт на досегашната пракса, производителите на цигари добија судска наредба да почнат да се рекламираат на телевизија и весници. Во уште подраматичен пресврт за самите производители, рекламите што ќе ги плаќаат треба да објаснуваат како тутунската индустрија лажела за штетноста од пушењето цигари.

Рекламите се резултат на тужба од 1999 поднесена од Департманот за правда против Филип Морис и Американ тобако, во која компаниите се прозвани за тоа што ја лажат јавноста за здравствените ризици од пушењето.

Во 2006, американскиот суд наведе „обемна количина докази дека тутунската индустрија е одговорна за масовна 50-годишна шема за лажење на јавноста.“ Оваа процена дури сега доби разрешница, чие спроведување ќе падне на грбот Алтриа груп (ребрендирањето на Филип Морис) и Бритиш Американ Тобако (претходно само Американ тобако).

Рекламите ќе бидат објавувани во прајмтајм слотовите на телевизиските мрежи и на насловните страни на неделните изданија на весниците. Секоја реклама ќе има една од петте „корективни изјави“ околу опасноста од тутунот. Меѓу кои се:

- Секоја година повеќе луѓе умираат од пушење отколку од убиства, СИДА, самоубиства, дрога, сообраќајки и алкохол, заедно.

- Пушењето убива, во просек, 1.200 Американци секој ден.

- Алтриа, РЈ Рејнолдс тобако, Лорилард и Филип Морис САД намерно ги прават цигарите да создаваат повеќе зависност.

Кампањата ќе започне на 26-ти ноември, а спотовите со траење од 30 до 45 секунди ќе се емитуваат цела година по 5 дена неделно претежно на Еј-би-си, Си-би-ес и Ен-би-си.