Светските затвори под навала од жени

Битката за рамноправност и родова застапеност знае да произведе чудни нуспојави. Додека машката затворска популација го следи општиот прираст на населението, бројот на жени зад решетки постигнува галопирачки трендови.

Бројот на жени во затворите во светот минатата година бил за 53% поголем во однос на 2000 година и достигнал 714.000 затворенички, се вели во најновата студија на Институтот за криминолошки истражувања при Универзитетот Биркбек од Лондон.

Ваквиот пораст е многу поголем отколку кај машката популација кој во истиот период (2000-17) се зголемил за околу 20 отсто.

Истражувањето покажува дека жените и девојките сочинуваат 7% од глобалната затворска популација. Најмногу жени во затворите има во САД - над 200.000, додека најголем пораст е регистриран во Ел Салвадор, каде што бројот на затворени жени е десет пати поголем во однос на 2000 година.

Во последните две години (од објавувањето на претходното издание на затворската листа), бројот на затворени жени драстично се зголемил во Бразил, Индонезија, Филипини и Турција, а значително се намалил во Мексико, Руската Федерација, Тајланд и Виетнам.

Зголемувањето на бројот на жени - затворенички не може да се објасни со глобалните трендови во прирастот на населението, бидејќи прирасотт во тој период изнесува 21%.

„Жените и девојките во затворите се ранлива и обесправена група и постои можност да бидат жртви на криминал и злоупотреба“, вели директорката на Институтот Кетрин Хард, повикувајќи ги владите и надлежните во затворите да ги проучат податоците од истражувањето.

А податоци има и за Македонија. Само што Македонија нема ни директор на главниот истражен затвор, а не па некој кој ќе проучува податоци од светски извештаи.

3 јануари 2018 - 13:45