Што сè пропуштивме кај оние кои ги загубивме?

"Не можеш да знаеш кој каква и колкава улога има во животот на твоето дете додека не ги запознаеш и неговите дигитални пријатели," вели еден татко чиј сериозно хендикепиран син починал, а тој и мајката немале идеја дека за него свеќи се палат во цела Европа.

„Како родители бевме многу традиционални и не сакавме тој да си го поремети нормалниот ред па ноќта да му стане ден и обратно“, вели 56 годишниот Роберт Стеен, сеќавајќи се како токму таа тема била повод за многу кавги и недоразбирања со неговиот син Матс.

Матс последните години ретко излегувал од неговиот подрумски апартман во нивната семејна куќа во Осло. Уште како дете, на неговите родители им станало јасно зошто тој толку често паѓа, толку тешко станува и нејќе на лулашки. Докторите во гените му откриваат една ретка и непоправлива  дистрофија поради која неговите мускули нема да можат нормално да се развиваат. Прогнозираат дека тешко ќе ја доживее својата 20-та година. Матс добуткува до 25.

Ако нашата судбина е запишана во ДНК, каде тоа можеме да бираме кој и какви ќе бидеме?

Во Воркрафт.

World of Warcraft е глобално мега популарна видео игра во чија планета Азерот Матсе се нашол себеси. И тоа како аватарот Ибелин кој себе се опишува како „аристократ по раѓање, женкар и детектив“. Во Воркрафт можете да играте сами или да побарате група. Ибелон влегол во групата Старлајт која брои 30-тина члена, во неа се влегува само со покана и има прилично строги правила на однесување. Но, затоа друштвото е компактно и меѓу нив постојат силни пријателски односи. Тие аватари стануваат најблиските луѓе на Матс. Другите со години не знаеле за неговата вистинска состојба но едно време отворил блог и решил да им каже дека е прикован за количка, со потреба од постојан помошник за обавување секојдневни работи.

И се знаат повеќе од 10 години. Некои од нив дошле и на погребот, некои од Осло, некои од Холандија или од други земји. Меѓу нив и е една денес 28 годишна девојка која Ибелин го запознала кога таа имала само 15 а тој една година повеќе. Меѓу нив се развило пријателство со (речиси) сите нишани, четувале за сешто, си споделувале тајни, си праќале подароци за роденден.

Родителите на Матс никогаш не дознале за светот во кој „живеел“ нивниот син. Го карале зошто мора да игра доцна ноќе а не може тоа да го заврши денски. А не може затоа што преку ден, луѓето од Старлајт главно се или на школо или на работа па на Азерот е пусто. Статистиката на неговото присуство во Воркрафт вели дека за 10 години, Матс на Азерот поминал меѓу 15.000 и 20.000 часа, што е повеќе отколку да бил со полно работно време во тој период.

Родителите за сето ова дознаваат дури по смртта. Пред да почине, Матс му го дал пасвордот на татко му, а овој пишал на групата дека Матс/Ибелин веќе го нема. Дури тогаш нему и на мајка му им станало јасно за цел еден космос на неговиот син кои тие го пропуштиле.

А во блогот на Матс можеле да прочитаат:

„Во овој свет ни една девојка не може да ми ја види количката. А може да дојде до мојата душа, срце и памет, спакувани во едно згодно и силно тело.“

 

18 февруари 2019 - 15:27