Што ќе се случи кога ќе умре британската кралица?

Британските медиуми се согласни во желбата господ да ја поживее, но согласни се и дека жената има 91 година и дека е родена во 1926-та, годината во која, на пример, умираат Рудолф Валентино и Худини. Лондонско „Метро“ минува нив сценариото, за да не биде некој изненаден.

Откако веста ќе биде соопштена, Велика Британија влегува во 12-дневна жалост по Елизабета Втора. Таквата вест ќе има реперкусии во многу сфери на животот на островот, од берзите па до телевизиските програми.

Доколку се случи неочекувано (хмм) како во случајот со Дајана, палатата ќе има малку контрола врз настаните и ширењето на веста. Бидејќи е платена од претплати на граѓаните, Би-би-си има обврска да ја прекине програмата и да ја соопшти веста за смртта. Другите немаат таква обврска иако е очекувано тоа да го сторат бидејќи се медиуми, а тоа сигурно е вест на денот. Би-би-си ќе ги откаже сите забавни и комични програми додека не биде погребот. 

Како прв престолонаследник, во случај на смрт на неговата мајка, принцот Чарлс конечно ќе стане Кралот Чарлс Трети. Ќе се апдејтира текстот на националната химна и ќе се испечатат поштенски марки за да се одбележи неговото доаѓање на престолот.

Од пратениците ќе се очекува да ја изразат својата лојалност кон новиот монарх иако меѓу републиканскиот дел пратеници постои традиција да се дава „неважечка“ заклетва, со прекрстени прсти.

Принцот Вилијам ќе стане Принцот од Велс, со што Кејт ќе стане Принцезата од Велс, она што некогаш беше Дајана.

Пред да биде погребено, телото на кралицата ќе ѝ биде изложено на јавноста 12 дена (23 часа на ден) во палатата Вестминстер, за да можат луѓето да дојдат и да оддадат почит. За кралицата мајка,  во 2002 година, тоа го сторија околу 200.000 луѓе.

Погребот ќе биде извршен 12 дена по смртта и ќе биде пренесуван на телевизија, радио и интернет. Процесијата ќе биде водена од надбискупот од Кентербери, Џејмс Вилби. Но, не се знае каде ќе почива. Некои велат на некој од нејзините имоти (Балморал или Сандрингам) а некои дека ќе биде закопана до нејзиниот татко, Кралот Џорџ Шести, во капелата во Виндзор, пишува Метро.

На политички план невозможно е прецизно да се предвиди верижната реакција, но се очекува некои од 53-те држави на Комонвелтот да посакаат да ги прекинат врските и да станат републики. Генерално се очекува во Англија да се засили републиканизмот, а во зависност од тоа како Чарлс ќе се снајде или неснајде (а не може да се вади дека бил изненаден), можни се и сериозни политички барања за целосно укинување на монархијата.

16 јули 2017 - 12:28