Сан Франциско ја покажува иднината на капитализмот

„Нешто овде ќе експлодира и тоа најверојатно ќе биде општеството,“ пишува Вајс опишувајќи го градот кој пука по шавовите, со огромни економски нееднакости, енормно големи кирии a вработени наставници кои се бездомници.

Зад добар дел феномени што се случуваат во Сан Франциско стои она што во економијата се вика „ефект на агломерација“ а се работи за тоа да се биде во близина на своите, да се биде блиску до случувањата, да се има биро најблиску до она на шефот. Иако современите технологии нудат чудесни решенија за виртуелни работни ангажмани, ИТ газдите и натаму сакаат физички да газат по Силициумската долина. Јер виртуелно никогаш нема да дознаеш што некој твој вработен начул на шанк во бар. 

„Гледам сè поголема концентрација на моќ и контрола и сè помала вистинска конкурентност во ИТ секторот“, вели човек кој долги години работи на тоа поле и кој е загрижем што денес законите почнуваат да ги прават луѓе кои не ни знаат како интернетот функционирал пред 10 години.

Во 2016, секторот можел да бира од 15.077 нови програмери кои се нуделе на пазарот. Веќе следната година на понуда имало 50% повеќе. Сè помал број фирми можат да бираат од сè  поголем базен и затоа им се може она што годинава го направи компанијата Ланетикс, откако нејзините програмери синдикално се организираа, ги отпушти комплет и нивната работа ја аутсорсираше во Европа.

Според една економска анализа, 94% од новите работни места во секторот создадени меѓу 2005 и 2015 се „алтернативни работни ангажмани“, што ќе рече фриленсери и работа по договор, наместо комплетно вработување. До 2027 година се очекува половина од вкупно вработените луѓе во економијата да бидат вака ангажирани: атомизирани, без константен приход, сигурност, здравствено осигрување, во постојан страв кога ќе бидат заменети со поевтина работна рака од некоја друга земја во светот. А главните пари ќе дојдат допрва, кога ќе може живата сила комплетно да биде елиминирана од производството. Од ИТ секторот ќе остане само кремот кој ќе живее ужасно добро, а „ситната боранија“ програмери ќе бидат заменети со вештачка интелигенција која ќе куцка кодови побрзо и поевтино од нив.

Агломерацијата го покажува своето грдо лице особено во урбанизмот. Специјалниот известувач на ОН Леилани Фарха, после посетата на Орегон и неговите времени градби, заклучила дека условите за живеење во тој град се лоши исто како во Манила, Мексико Сити и Џакарта. Проблемот е структурен. Во Сан Франциско постојат огромен број луксузни апартмани кои стојат празни ама затоа професори во средни училишта, бидејќи не можат да си дозволат да плаќаат толку високи кирии, живеат по хостели или шелтери за бездомници.

„Дури и да заработуваш доволно за да изнајмиш стан во центарот на случувањата, кој ќе ти ги школува децата, кој ќе ти го готви јадењето кое го јадеш по рестораните, кој ќе ти го фрла ѓубрето од контејнерите? Денес можете да слушнете приказни како луѓе патуваат по два и пол часа за да стигнат на работа во центарот на Сан Франциско. Тоа е неодржливо“, вели човек од истражувачки центар  на Брукингс.

Со таквo темпо, Сан Франциско се приближува до пресвртна точка. Празни небодери, улици полни со шатори, домови населени исклучиво со хомогени ИТ луѓе. Тоа нема долго да издржи така, предвидува Вајс.

26 октомври 2018 - 09:29