Рутгер Брегман, историчарот меѓу економистите во Давос

Потребно е историчари да излезат на телевизија и да објаснат што се случува, затоа што кога беше економската криза само економисти беа интервјуирани на ТВ, а ова се токму истите луѓе кои не видоа дека кризата надоаѓа, порачува историчарот кој направи организаторите на Светскиот економски форум да се пишман што воопшто го поканија.

Брегман е поканет да зборува во Давос по основа на неговата книга „Утопија за реалисти“ во која дава аргументи за загарантиран основен приход и пократка работна недела, идеи кои се прифатени од дел од милијардерите од Силициумската долина кои се појавуваат на собирот Светскиот економски форум.

Како што одминуваат деновите на швајцарските Алпи, тој има неколку приватни сесии и разговори со ЦЕО-а присутни на форумот, каде ги излага своите идеи околу даноците и нивното зголемување за најбогатите. Токму тука наидува на отпор, и како што објаснува „еден Американец ме гледаше како да сум од друга планета“.

Напнат од ваквата атмосфера Брегман решава на отворениот панел за нееднаквост да го каже тоа што сака да го каже а не тоа што го прашуваат.

„Отидов во мојата хотелска соба и на памет го научив сето она што сакав да го кажам.

Горе-долу ги игнорирав прашањата што ми ги постави модераторот и го одржав мојот говор.

Ова главно беше за да си ја олеснам сопствената совест: некој мораше да го каже тоа што требаше да биде кажано,“ порачува Брегман во интервју за Гардијан.

Тој објаснува дека неговата генерација (човекот има 30 години) од една страна не е трауматизирана од Студената војна, а од друга страна е радикализирана од финансиската криза од пред една деценија, па „кога ќе кажеме дека потребни се повисоки даноци, а одговорот е дека ’тоа е комунизам’, ние велиме ’баш ни е гајле’“.

„Јас сум дел од пошироко општествено движење. Пред 10 години ќе беше незамисливо некој рандом холандски историчар да стане вирален додека зборува за даноци. Ама тука сме,“ ја објаснува Брегман својата слава.

Од професионална перцепција, како историчар, тој анализира дека најуспешниот период за капитализмот е во годините по Втората светска војна, кога во САД данокот за најбогатите е над 90%. Па по оваа основа, објаснувањето на Брегман е дека зголемувањето на данокот е мерка која ќе биде во корист на капитализмот.

Брегман студира историја на Универзитетот во Утрехт, и кога завршува почнува да размислува за докторат на темата, ама се предомислува.

„Не сакав уште 4 години да ги потрошам на неважна тема за која на никој не му е гајле.

Размислував дека е потребно историчарите да го заземат своето место во јавноста и да објаснат што се случува. Кога ја гледав финансиската криза на телевизија, единствени луѓе кои беа интервјуирани беа економисти, а токму овие беа луѓето кои не видоа дека кризата доаѓа,“ објаснува историчарот.

Иако заради неговите ставови го нарекуваат оптимист, Брегман себе си се смета за „посибилист“.

„Оптимист е извршен директор во Давос, кој мисли дека глобализацијата функционира, неолиберализмот е добра идеја а нееднаквоста бележи пад.

Многу извонредни работи се случуваат. На многу начини, изминативе 30 години беа најдобри во човековата историја. Ама можеме да постигнеме многу повеќе. Јас го претпочитам зборот надеж пред оптимизам,“ смета Брегман.

Што се однесува на Давос, тој повторно би одел таму ако го викнат следната година, „и пак би го одржал истиот говор“. А ако не го викнат и тоа го смета за победа, бидејќи на тој начин ја докажуваат неговата поента.

****

- Видеото по кое Брегман се прослави, го имате тука.
 

- ТЕД говорот на Брегман од пред некоја година, тука:

 

4 февруари 2019 - 12:57