Рускиот план за извлекување на Асанж од Лондон

Планот за вадење на основачот на Викиликс од амбасадата во Лондон за време на католичкиот Божиќ во 2017 не е исполнет затоа што се покажал како премногу ризичен, се тврди во веста објавена од Гардијан.

Руски дипломати наводно разговарале со луѓе блиски на Асанж да го организираат неговото бегство од еквадорската амбасада во Лондон. Според планот, Асанж би требало со дипломатско возило да биде префрлен во друга држава, од каде крајна дестинација најверојатно би му била Русија, бидејќи од таму не може да биде екстрадиран во САД.

Изворот што го има Гардијан тврди дека извлекувањето било закажано за Божиќ 2017, и тоа се поврзува со неуспешниот обид на Еквадор да му даде формален дипломатски статус на Асанж.

Луѓето за кои се тврди дека се сретнале со руски функционери во разговор за Гардијан негираат дека биле вклучени во какви било разговори за вадење на Асанж од амбасадата. Станува збор за Фидел Наварез, до неодамна конзул на Еквадор во Лондон, кој објаснува дека амбасадата на Русија годинава ја посетил два пати како дел од група на „20-30 дипломати од најразлични држави“ каде присуствувал на состаноци отворени за јавноста, кои се случуваат за време на затегнување на односите меѓу Британија и Русија по труењето на Сергеј и Јулија Скрипал.

Според еден од изворите, планот за извлекување бил откажан на само неколку дена пред спроведувањето, а во Лондон на 15 декември 2017 пристигнал и Роми Валехо, првиот човек на еквадорската разузнавачка агенција за да ја надгледува операцијата, кој си заминал од британската престолнина кога таа била откажана.

Луѓето на чии сведоштва се базира сторијата на Гардијан дале спротивставени изјави за тоа кој ја откажал операцијата, но биле едногласни дека тоа се случило затоа што истата ја процениле како премногу ризична.

Новиот еквадорски претседател изјави дека сака Асанж да ја напушти амбасадата, а по пат и му го исклучи интернетот и му ги ограничи посетителите.

Асанж е во еквадорската амбасада во Лондон од јуни 2012.

21 септември 2018 - 13:58