Ако Абориџин лаже, наука не лаже

Потврден масакр што 100 години никаде не постоеше

Речиси 100 години Абориџините од Западна Австралија низ усни сведоштва и уметност зборуваат за масакар што го извршиле Австралијците на нивна територија, а за кој нема никаков пишан траг во кој било официјален австралиски документи, вклучувајќи полициски досиеа.

Како што членки на ЕУ се уште имаат проблеми да се помират со своите злодела за време на Втората светска војна или по неа, и учеството во чистење и депортации на цели народи, така дел од Австралијците во нешто што денес се нарекува „Историски војни“ не сакаат да прифатат дека во одреден дел од скорешната историја масакрирале цели популации на Абориџини, притоа трајно оштетувајќи го домородниот народ и предизвикувајќи неповратни последици.

Во октомврискиот број на журналот Форензик сајанс интернешнл е објавено заедничкото истражување на научници од Универзитетот Флиндерс и Музејот на Јужна Австралија. За научниците откритието е важно по две основи „што му оддаваат јавно признание на ова злосторство, и што тоа дава модел кој може да биде искористен за откривање и потврдување на слични масакри кои постојат само во оралните сведоштва на Абориџините.“

Локацијата е југоисточниот дел од регионот Кимберли, Западна Австралија, во која на почетокот од 20-от век непознат број на Абориџини се убиени во најмалку три масакри. Во усните преданија и уметничките слики на локалците се тврди дека во овие настани се застрелани и запалени голем број Абориџини.

Наводно причина за почеток на масакрот е убиството на двајца белци во регионот и последователната полициска потрага по убијците, два настана кои се документирани.

Меѓутоа во официјалните документи, дневници и весници од тоа време не постои никакво споменување на масакар, освен еден полициски дневник во кој недостасуваат записите за четирите дена во кои се тврди дека се случил масакрот.

Како доказ, научниците наведуваат неколку парчиња коски стари околу 100 години што ги откриваат на местото во непосредна близина една до друга. Подоцнежните истражувања и рендгенски снимки на остатоците покажуваат дека тие гореле долго време на високи температури кои не можат да се постигнат без човечка интервенција а.к.а. додавање дрва на огнот. Подоцнежните експерименти покажале дека температурата на огнот не можела да биде постигната ниту на традиционалните огништа на Абориџините.

„Абориџините, посебно потомците на убиените, се уште ја носат болката од овие конфликти. Тие знаат дека нивни баби и дедовци, тетки и чичковци биле отсутни кога тие биле деца, и нив ги заменила длабока тага. Потомците исто така се чувари на оралните сведоштва од овие настани,“ објаснуваат истражувачите.

13 ноември 2017 - 12:46