Пит Бутиџеџ, млад геј политичар на поинаков начин

„Откако Лејди Гага ја испеа „Shallow“, сме немале ваков ѕвездата-е-родена момент,“ признава еден Републиканец кој пишува за Њуорк Тајмс. А зборува за до вчера непознат Демократ кој е новата ѕвезда на американската политичка арена а кој, патем, е млад и е геј. Само што не е млад и не е геј на вообичаен начин.

Чисто за да го имаме на радар: се вика Пит Бутиџеџ за кој ретко кој знаеше до последната Таун-хол дебата на CNN. Геј градоначалник од Индијана, дечко со приземни и разумни погледи, без мераци за политикантски тупења со кои врие големата американска сцена (види за бургерот). Во моментов сè што ќе фати - позлатува. 

Неговата биографија влезе во топ 25 најпродавани книги на Амазон. Тоа го става неколку места зад Мишел Обама но затоа стотици и илјадници места пред Камала Харис, Берни Сандерс и други кои актуелно промовираат свои книги. 

Бутиџеџ собра и добар куп пари за кампања: 7 милиони долари од 76.000 индивидуални донатори, што е импозантна сума за речиси анонимен политичар. На некои анкети веќе е трет, после Бајден и Сандерс. Со оглед на тоа што Бајден може да го изеде #МеТоо мракот, Бутиџеџ би можел, ако не за претседател, да биде озбилен играч за потпретседател.

Ерата на Трамп се карактеризира со разводнување на моралните норми, брутални напади кон политичките противници, рововски битки околу идентитетските политики, политички мелодрами со реалити ТВ набој...

Дејвид Брукс смета дека подемот на Бутиџеџ покажува дека многу Демократи сакаат да расчистат со тоа, и во своите редови. Дека не сакаат еден идентитетски оган да гасат со друг идентитетски оган. Дека сакаат конечно да видат некој кој повеќе сака да води стандардна политика отколку да потпалува реторички војни и да биде дел од медиумскиот циркус. А притоа да е нормален, пријателски расположен и пред сè, пристоен.

Бутиџеџ е млад но не се вклопува во ниеден стереотип за младите. Младите обожаваат да се социјални воини и да се гадат од постарите. Овој мина пат кој ги импресионира повозрасните: Харвард, стипендија од Роудс, морнарица.... Младите хипстери сакаат да талкаат (во потрага по себе) по места како Бруклин и Портланд, Бутиџеџ се врати во Индијана. Младите се претежно анти-институционални, Бутиџеџ работи да го подобри системот а не да се бунтува против него. А истовремено е аутсајдер во дворските игри на Вашингтон.

Бутиџеџ е и геј, но не ја носи својата сексуална ориентација како транспарент. Сосема нормално зборува за своите конзервативни семејни вредности, само што партнерот му е машко а не женско. Сосема нормално зборува и за својата вера и оди во црква на традиционален начин, не барајќи модерни алтернативи на конзервативните литургии.

Бутиџеџ кај Бил Маар:

 

5 април 2019 - 11:11