МОК не е на чисто како функционираат протести

На неколку месеци пред почетокот на Олимпијадата во Токио, Меѓународниот Олимписки Комитет објави какви сè видови на протест ќе им бидат забранети на спортистите за време на Олимпијадата, нешто што само по себе е спротивно на концептот на протест.

Со цел да ги задуши сите обиди за политизирање на Олимписките игри, МОК ја прошири досегашната штура дефиниција за тоа што тие подразбираат под протест.

Па по ново, нема да има:

- Клекнување за време на химна.

- Кревање тупаници во воздух за време на доделување медали.

- Политизирани знаци или стегачи за раце/глава/нозе.

И ова не е конечен список за што сè нема да има.

Правилата важат за целото олимписко село, стадионите, базените и сите други олимписки мегдани, плус церемонијата за отворање и затворање на Игрите.

Сето ова на долго е објаснето во документ од три страници што деновиве го објави МОК, во кој дополнително се наведува дека погорните примери се сметаат за „протест, а не за изразување на гледиште.“

Она што фали во документот се потенцијалните казни за прекршување на забраната, и само се наведува дека секој инцидент ќе биде оценет од националниот олимписки комитет на конкретниот спортист.

Претходно, темата беше опфатена само со правилото 50 кое забрануваше демонстрации или политичка, религиозна или расна пропаганда на Олимписките терени и други места.

10 јануари 2020 - 10:45