Младите Американци што се приклучија на ИСИС разочарани од пакет-аранжманот

Отидени во Сирија со цел да живеат заедно со истомислениците од цел свет и да добијат џихадистичка воена обука, американските ИСИС аџии најчесто завршувале со домашни обврски како купување намирници, фрлање ѓубре или грижа за ранетите соборци кои закрепнувале.

Хвеис за време на неговото заробување во Ирак

Мухамед Хвеис од Вирџинија ги напушта САД во 2015, а моментално отслужува 20-годишна затворска казна во земјата. Кога е уапсен во Ирак во 2016 тој се жали на своето искуство во ИСИС како невозбудливо. Сличен заклучок има и неодамнешната студија на Џорџ Вашингтон Универзитетот, според која за мноштвото Американци што патувале во Сирија и Ирак за да се приклучат на ИСИС „животот на териториите под контрола на џихадистите не ги остварил нивните очекувања.“

„Најголемиот дел од Американците немале речиси никакво воено искуство и добиле задачи како чистење на безбедносните куќи, готвење, и грижа за болните и ранетите.

Ова не е ни приближно до гламурозното искуство што го очекувале, а некои барале начин да се вратат и во комфорот на сопствениот дом,“ се објавува во извештајот.

Профилот на Американците кои заминале преку океан, е маж на просечна возраст од 27 години. Над 150 Американци биле уапсени заради обвиненија поврзани со ИСИС во периодот од 2011 до 2017, а околу една третина од нив биле спречени уште при обидот да ги напуштат САД. За разлика од нив, Европа во ИСИС има меѓу 5.000 и 6.000 претставници.

Од 64-те „патници“ што ги опфаќа истражувањето на Џорџ Вашингтон Универзитетот, само четворица успеале да стигнат до раководни позиции во ИСИС. Најголем дел од патниците имале „врски“ односно некаква поврзаност со симпатизери на ИСИС во САД или патувале со некого. Хвеис бил еден од малкуте „самотници“ кои без никакви лични врски патувале и стигнале до Сирија или Ирак.

Од патниците само една третина се вратиле во САД, а од нив дузина се уапсени. Една од карактеристиките е дека речиси сите 64 патници биле со државјани на САД или имале легален постојан престој.

12 февруари 2018 - 16:31