Митот за рециклирање пластика

Рециклирањето беше проблематично и пред Кина да реши да го укине увозот на светскиот отпад за рециклирање, откако го укина скоро и да нема разлика што правиш со ѓубрето.

Она што најголемиот дел од развиениот свет подразбира под рециклирање е пакување на пластиката од отпад и нејзино испраќање во Кина, каде се одвива вистинското рециклирање. Овој процес на времето беше критикуван по основа дека добар дел од рециклирањето што се одвива во Кина, всушност е собирање на пластиката на куп и нејзино палење.

И покрај ова, развиениот свет беше задоволен што некој им ги тргнал планините отпад од нивниот двор. Ваквото не најсреќно решение функционираше до 1-ви јануари 2018, кога Кина ги воведува новите правила со кои во земјата се забранува увоз на 24 типови отпад.

(Неофицијално документарецот „Plastic China“ беше една од причините за воведување на забраната.)

По забраната, откако ѓубрето почна да се таложи на домашен терен (просечен Британец произведува 1,1 кг ѓубре на ден, просечен Американец 2 кг), Западот почна излезот да го бара во преплавување на Тајланд, Индонезија, Виетнам, Малезија или Филипини каде рециклирањето главно се одвиваше по истиот рецепт: ние ви го оставаме да го рециклирате, ви правете му што сакате. Истрага на Гринпис од октомври 2018 во Малезија открива планини европско ѓубре кое таму испратено за рециклажа.

Откако и дел од овие држави одлучија да забранат увоз на отпад од Западот, а и да им го вратат ѓубрето што им го пратиле, локалните власти во Британија почнаа локално да го палат отпадот што им се собира. Пример, Вестминстер испраќа на согорување 82% од отпадот во домаќинствата, вклучително и оној што е обележан и одделен за рециклирање.

„Стварно е комплетен мит кога луѓето ќе кажат дека ја рециклираме нашата пластика. Сето тоа звучеше одлучно. ’Ова ќе биде рециклирано во Кина!’ Жал ми е што морам на сите да им соопштам, ама овие места рутински фрлаа огромни количества од таа пластика и ја гореа во отворен оган,“ изјавува Џим Пакет, првиот човек Базел мрежата, која се бори против нелегалната трговија со отпад.

Бидејќи главниот проблем со пластиката е нејзиното соодветно сортирање, што е барање од секој што вистински рециклира пластика, едно од решенијата кон кое се прибегнува и кое допрва треба да даде резултати е автоматизација и воведување роботи во центрите за селектирање отпад.

19 август 2019 - 15:36