Ќе дојдат со 1.500 приватни авиони и ќе ја жалат климата

Изгледа никој сериозно не ја сфати пораката на Дејвид Атенбороу до светските лидери да преземат итни мерки околу климатските промени. Уште ехото од таа изјава не поминало, а овие во рекорден број ги турираат авионите за следниот самит.

На светскиот економски самит во швајцарското место Давос, оваа година ќе пристигнат рекорден број приватни авиони. Познавачите проценуваат дека светските државници, лидери, бизнисмени и лобисти во Давос ќе дојдат со 1.500 приватни авиони, што е 11 процентно зголемување на бројот на приватни летови во однос на лани. Згора на тоа, се очекува зачестено доаѓање со поголеми и поскапи модели на авиони, за да не се испадне послаб од ривалите.

Пред самиот Самит, форумот го објави извештајот за глобалните ризици според кој предизвиците поврзани со човековата околина се на самиот врв на листата опасности по светската економија.

На почетокот на оваа недела Дејвид Атенбороу предупреди дека оваа планета веќе не може да се смета за рајска градина.

„Толку многу го променивме светот што научниците тврдат дека се наоѓаме во нова геолошка ера: „антропоцен, ерата на човекот“, рече Атенбороу

Тој проценува дека она што како човештво ќе го направиме во следните години. ќе има влијание врз следните неколку илјади години. 

„Растот ќе мора да престане. Или неочекувано или на контролиран начин,“ порача тој.

22 јануари 2019 - 16:10