Како западниот капитал ја колонизираше Источна Европа

Не е тешко да бидеш популист во Источна Европа (како што може да се види од Полска, Унгарија и Словачка), проблемот е национализмот стварно да ти држи наспроти западниот капитал во твојата земја.

"Има барем еден бедем против екстремизмот во регионот: западноевропскиот капитал.

Западните инвестиции играат толку важна улога во економиите на сите овие држави што националистичките политичари прават нивните земји повеќе да изгледаат како колонии отколку како партнери во големиот проект за интеграција," пишува Леонид Бершидски во колумната за Блумберг.

Во еден неодамна објавен документ на тема нееднаквоста во Русија ("Од Совети до олигарси"), еден дел е посветен на источноевропските земји кои таму се нарекуваат "држави со странски сопственици".

Авторите на документот елаборираат дека обемните странски инвестиции ја дисторзираат мерката за нееднаквост, бидејќи најголемиот дел од богатството и приходите на земјата се трупа кај странските инвеститори кои не припаѓаат на локалниот најбогат 1%, па државата изгледа многу порамноправна отколку што навистина е.

Ако се исклучат членките на ЕУ кои добија огромни фондови за спас на економијата (Ирска, Грција, Кипар, Португалија и Шпанија), земјите од Источна Европа го имаат најголемите негативни нето инвестициски позиции во ЕУ (од странство имаат добиено повеќе инвестиции отколку што тие направиле во други држави).

"Нациите на Источна Европа ги развиле овие позиции со константно привлекување на повеќе инвестиции отколку што испраќаат...

... Таквите нивоа на инвестиции порано правеа овие држави да бидат горди, покажувајќи ја нивната отвореност и нивната искрена желба да се интегрираат во побогатите делови на Европа. Ама, додека ЕУ беше шамарана од економски бури, овие држави не сфатија комплетно дека тоа што добиле 'странски сопственици' има и своја цена.

Локалните компании за време на финансиската криза сфатија дека странските банки се први што ќе го скратат делењето позајмици. Во други сектори, големото странско присуство значеше голема закана за невработеност доколку земјата одеднаш почне да одбива влез на странски капитал.

Во Полска и во Чешка, третина од работната сила е вработена од странски компании. И ова обично се најголемите, економски најважните компании: во Полска тие произведуваат две-третини од целиот извоз; во Чешка, тие се одговорни за 42% од додадената вредност," пишува Бершидски.

И покрај ваквата позиција во која се наоѓаат економиите од Истокот, владите на Унгарија и Полска во неколку наврати решија да покажат кој е главен во земјата и да ги казнат странските компании со специјален закон. Според Бершидски ваквите мерки можат да им завршат работа на владите (повеќе во однос на поени пред гласачи отколку во реална економска ќар) само до одредена граница, до која на истите странски компании и понатаму им е исплатливо да останат во земјата.

Заканите од западните членки на ЕУ, дека ќе бидат укинати субвенциите за Истокот доколку тамошните држави не прифатат повеќе муслимани бегалци, од чешкиот претседател беа пречекани со согласност, дека дури и под тие услови се исплати спречувањето на прилив на мигранти.

Бершидски објаснува дека проблемот е што иако губењето субвенции не е страшна закана за властите, такво нешто ќе ги вознемири странските компании, а противењето и слабеењето на европските органи и политики кои на прво место ги донеле странските инвестиции во Источна Европа преставува директна закана за заштитата на странскиот капитал во тие држави.

"Националистичката реторика може ќе прелаже некои гласачи да мислат дека нивните лидери се вистински независни. Меѓутоа изборот со кој се соочуваат политичарите во Источна Европа во крајна линија е очигледен: или ќе се задоволни од привидниот бунт (против центарот на ЕУ), или ќе ги зголемат влоговите и ќе ризикуваат да ги изгубат инвестициите од кои нивните економии зависат.

И тука нема избор; Источна Европа на крај ќе мора да се бори за интеграција, исто како што се бореше за членство. Моето гледиште е дека со тек на време, повеќе нема да биде важно каде е седиштето на европската компанија затоа што обединета Европа ќе има заеднички буџет, а економската кохезија ќе биде неизбежна.

Национализмот можеби сега го има својот момент, меѓутоа предоцна е: земјите на Источна Европа премногу долго се отворени кон инвеститори, и тие изгубија премногу контрола врз сопствената економска иднина за да можат да ја задржат политичката контрола," порачува Бершидски.

13 септември 2017 - 16:40