Како да испорачаш Ф1 болид околу светот за 36 часа

Без разлика како и да заврши годинешнава сезона на Ф1 (а заради новите блесави правила ова се можните исходи, сите во корист на Мерцедес), најсреќни ќе бидат вработените на ДХЛ кои повеќе нема да мора да се грижат за пакување, товарање и испорака на 22 болиди и неколку стотици тони опрема од еден на друг крај на светот. Барем до следната сезона.

Логистичкиот кошмар на Ф1 е составен од 19 трки, кои се одржуваат на 6 континенти во рок од 8 месеци, некогаш се случува да има и само 1 недела разлика меѓу трките. Секој од 11-те тимови ќе мине околу 100.000 километри патувајќи од една трка до друга, а секој со себе има 2 болиди и околу 50 тони опрема (од шрафови за болидите, до послужавници за кетерингот). Сето ова е доволно за да се наполнат 6 Боинг 747 џамбо-џет авиони.

Работата почнува 3 часа по крајот на трката. Откако болидите ја минале задолжителната инспекција по трката, тимските механичари почнуваат да го расклопуваат болидот. На страна се вадат моторот и системот за менување брзини, предните и задните крилца, ретровизорот и амортизацијата. Секој од овие делови се става во соодветни кутии обложени со специјален сунѓер. За посебни делови, конкретно на тие што треба да им ја заштитиш бојата се пакуваат со дополнителна заштита во најлони со меурчиња (оние што пукаат), а сосема посебна заштита и заштитна кутија има за шасијата.

Оваа процедура мора да се запази без разлика на што било. Истото важи и за регуларниот дел од распоредот кога има трки на 2 недели, ама и за 4-те гранд-при викенди кои се случуваат во серија еден по друг. Кај овие вторите, болидите мора да бидат испорачани до новата дестинација во рок од 36 часа од крајот на претходната трка (на пример од Куала Лумпур до Бахреин, или од Будимпешта до Спа). Овој рок мора да се испочитува дури и ако треба да се справиш со тајфунот Фанафон, кој ја имаше запоседнато Јапонија за време и пред јапонското гран-при.

Кога си ги решил болидите, на ред се десетиците тони опрема што треба да ги спакуваш и испорачаш. Секој тим носи доволно резервни делови за да направи нов болид, 40 комплети гуми, 2.500 литри гориво, 200 литри моторно масло и 90 литри анти-фриз. На ова плус е алатот, компјутерите, и доволно храна за да се направат околу 200 оброци, и опрема потребна за да се подготват овие оброци. И.тн. Во просек големите тимови носат околу 50, а помалите околу 30 тони опрема.

На тимовите им требаат меѓу 3 и 6 часа за да спакуваат се', a од тука работата ја превзема ДХЛ, кој се треба да однесе во следниот град. Опремата до аеродром се пренесува со камиони, таму се товараат авионите на ДХЛ, кои на следниот аеродром ги пречекува нивна флота камиони што целата опрема ја пренесуваат патеката. Во Малезија аеродромот е на неколку минути од патеката, во Бразил на неколку часа. Кога трките се во Европа, речиси целиот транспорт ДХЛ го врши со камиони.

Иако се изгледа како рутина, според заменик директорот за мото-спорт на ДХЛ, Пјер Луиџи Ферари, подготовките за секоја трка започнуваат една година однапред, а клучно за се' да се заврши успешно е "планирање, планирање и уште планирање." Посебно внимание се обрнува на новите патеки, како што беше со автодромот Сочи, на кој годинава се одржа првата трка. Според Ферари, на неговиот тим од 80 луѓе ме е неопходен овој период од една година, за да може прецизно да испланира се' од рутата и патиштата по кои ќе се возат, до преговори за царинските правила и бирократијата на земјата.

Во интерконтинентални преселувања дел од опремата (како работните клупи, приколки за алатот, кои се идентични кај сите тимови или ПиАр и маркетинг материјали) се испорачува со бродски превоз.

Без разлика на сите подготовки, како што се приближува денот на трката, така и тимовите неизбежно прават некакви промени на болидите, или пак им требаат резервни делови што ги имаат во базата од каде што доаѓаат. Од моментот кога ќе ја добијат нарачката, на ДХЛ му треба меѓу 24 и 36 часа за да го земат предметот и да го испорачаат каде и да се наоѓа тимот.

"Обично нарачката ни ја даваат денес, а очекуваат да ја добијат вчера," објаснува Ферари.

виа Wired

22 ноември 2014 - 14:25